Ова е традиционален зачин кој го правеа нашите баби и дедовци. Порано немаше домаќинство без ваква сол. Овој зачин им дава посебен вкус на сите јадења, а некогаш се јадел и само со сув леб. Рачно направен е најубав, и иако постапката не е толку едноставна како што се чини, сепак, трудот вреди, пишува НМД.мк




Потребни состојки: 1 кг пченкарно зрно, 10-15 суви пиперки лути или благи (може и готов буковец), крупна морска сол (количина по желба и вкус), една мала китка ноктец (кокотац), половина китка мента (нане), 1 китка чубрица (чубар)




Постапка: пченкарното зрно се става во најголемиот плех од рерна, убаво се распоредува. Се става во рерна и се загрева на умерена температура колку зрното да се потпече, односно да се исуши.




Кога е готово се остава да се олади, па постепено се тол-чи во аван заедно со сувите пиперки (буковец) или пак ако имате од претходно готов, само додајте го и промешајте го за да се изедначат.




Оваа смеса се просејува низ сито, а крупниот остаток кој ќе остане повторно се враќа во аванот за да се доработи додека и тој да стане како ситна прашина. Во меѓувреме постепено се додаваат и зачинските билки.




Овие билки се береле од ливадите и планините, а денес се одгледуваат во саксии или во градините. Ноктецот има специфичен мирис, и тој ја дава карактеристичната арома на оваа биена сол.




Освен ноктец се додаваат и чубрица и нане, а потоа и крупна морска сол. Ако билките се свежи, претходно се оставаат да се исушат, затоа што кога се суви, многу полесно се ронат. Се тол-чат заедно со крупната морска сол, додека сè да се претвори во ситен прав.




Постапката се повторува исто како и претходно, односно се просејуваат низ сито, а крупните остатоци се враќаат во аванот да се доработат. Потоа сите состојки се мешаат заедно додека рамномерно да се изедначат.




Готовата биена сол добро се меша, а брашнастата смеса се складира во посебни садови и се чува на некое суво место. Се употребува секаде каде што се користи и буковата пиперка (буковецот).




Доколку сакате да постигнете лута варијанта од зачинот, тогаш додајте лути суви пиперки или барем една доста лута пиперка, а во спротивно, ставете благи. Оваа сол е најбарана за специјатетите на скара.




Одлично одговара да се нароси преку сендвич, тостови, пици, домашно топло лепче, погачи, кифли и разни други печива… едноставно се намакува лепчето во оваа сол… Сите ја сакаат оваа сол, а особено туристите и гостите кога првпат ќе ја пробаат.




Баба ми имаше големо камено корито и во неа ги тол-чеше состојките за биената сол, но ние можеме во помали количини да си ја правиме во помал дрвен или камен аван – ефектот е ист.

Исто така, за да се избегне ова рачно тол-чење, ако може да се набави пченкарно брашно од млин – би било идеално ако е тазе смелено и малку просушено во рерна.

Сепак, според мене, вкусот е незаменлив со рачната варијанта. Знам дека на овој начин е доста потешко и повеќе време одзема, но крајниот резултат навистина се исплати. Количината на состојките можете да ги менувате по сопставена желба и вкус. / thetan / Сооlinarika.com