Кога го видов овој колач на еден утрински канал, многу ми се допадна леснината со која се прави и веднаш го запишав рецептот за да го испробам. Се подготвува со гриз и шербет, а сите состојки се евтини и лесно достапни, за секој да може да си го направи.




Не ви е потребно многу време за подготовки, а доколку некогаш сте правеле нешто слично, постапката ќе ви биде позната. Нашите баби и мајки со задоволство го правеа овој колач кој се топеше со секој залак во устата. Еве кои состојки ви се потребни:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 3 чаши гриз (семолина), 1 чаша шеќер, 1 мала лажичка сода бикарбона, 1 парче лимон, 1 чаша јогурт, 1/2 чаша млака вода, една рака излупени бадеми. ЗА ШЕРБЕТ: 2,5 чаши шеќер, 2,5 чаши вода, 1 парче лимон. Како мерка се користи чаша од 200 мл.




ПОСТАПКА: Најпрво се подготвува шербетот. Во едно тенџере ставете 2,5 чаши шеќер, околу 500 г и потоа ставете го тенџерето на рингла. Веднаш потоа во шеќерот се додава иста количина на вода и внимателно се промешува со дрвена лажица. Ринглата треба да биде вклучена на ниска температура.




Во водата се додава и едно парче лимон (претходно кората треба да биде добро истретирана, да се истрие со сода бикарбона и добро да се измие под млаз вода). Мешајте додека шеќерот да се растопи во водата која се загрева. По изминатото време, кога водата ќе почне да зоврива, гответе уште 10 минути, па потоа тргнете го тенџерето од рингла и оставете целосно да се олади.




Преминете на подготвување на колачот. Во еден поголем сад се ставаат 3 чаши гриз (семолина ), се додава 1 чаша шеќер и состојките нежно се промешуваат со шпатула. Потоа земете 1 мала лажичка сода бикарбона и врз неа истиснете малку лимонов сок, па додајте во останатите состојки. На овој начин колачот нема да биде многу кисел.




Додајте 1 чаша цврст јогурт (може да биде и грчки јогурт) и додајте половина чаша млака вода. Промешајте ги фино состојките додека да се добие еднолична и хомогена смеса. Во еден огноотпорен сад, на дното се прелива со неколку лажици од шербетот. Димензиите на плехот се 27х27 см.




Потоа, се излева смесата за колачот и рамномерно се распоредува низ целиот плех. На крајот смесата измазнете ја со задниот дел на голема лажица. Пред да ставите на печење, со нож се прават вертикални и хоризонтални резови на смесата, да се формираат коцки, кои по печењето полесно ќе се извадат од калапот, а и подобро колачот ќе поприми од шербетот.




Врз колачот се редат по еден или два лупени бадеми, во зависност од нивната големина. Колачот може да се стави веднаш на печење, но кулинарите препорачуваат на овој начин да отстои во фрижидер преку вечер или неколку часа, покриен под проѕирна фолија.

Потоа, пред да се стави на печење, треба да се премачка одозгора со сирупот. Колачот се пече во претходно загреана рерна на 180 степени, додека да фати златножолта боја. Колачот е многу вкусен и сочен.

По печењето, со нож уште еднаш се поминуваат коцките за подобро да се одвојат и на крајот се прелива со шербетот. Вака подготвен, колачот може веднаш да се јаде или да се остави неколку минути да го апсорбира шербетот. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.