Оваа торта е една од оние која мора барем еднаш во животот да ја пробате, зошто нејзиниот вкус е времеплов кој ќе ве однесе во најмагичните светови. Задоволство е да се подготвува оваа торта, затоа што е незаменлива.

Осмислена е во 1955 година во познатата париска слаткарница Далојау (Dalloyau) во чест на балетската куќа „Опера Гарние“ (Opera Garnier). Опера колачот е богат француски десерт кој користи комбинација од најомилените вкусови, а тоа се чоколадото и кафето.

Се состои од бисквит приготвен со бадеми (во други варијанти се користат ореви), натопени со сируп од кафе, нафилувани со нежен крем, исто така со вкус на кафе, прелена со ганаш и чоколадна глазура. Како елегантна завршница, името „опера“ се испишува на секое парче (или преку целата торта со виолински клуч), декорирано со златен прав.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (за Joconde, бисквит со бадеми): 5 јајца (на собна температура), 140 г мелени бадеми (брашно од бадеми), 140 г шеќер во прав, 30 г брашно, 30 г растопен путер, 5 белки, 30 г шеќер (2 лажици), 1 прстофат сол (1 г). ЗА СИРУП ОД КАФЕ: 160 мл вода, 100 г шеќер, 6 г инстант кафе (3 мали лажички)

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА КРЕМ (Cofee Butercream): 5 жолчки (на собна температура), 150 г шеќер, 45 мл вода (3 лажици), 4 г инстант кафе (2 лажички), 280 г путер омекнат. ЗА ЧОКОЛАДЕН ПРЕЛИВ (Chocolate Croustillant): 70 г квалитетно црно чоколадо, 70 г крцкав чоколаден корнфлекс (најблиска замена за францускиот Paillette Feuilletine), 160 г црно или млечно чоколадо, 160 мл слатка павлака за шлаг. ЗА ГЛАЗУРА: 200 г црно чоколадо, 30 мл масло




ПОСТАПКА: Просејте ги заедно шеќерот во прав и мелените бадени (треба да бидат брашнасто сомелени). Додајте 5 јајца кои претходно отстојале на собна температура, па изматете пенасто со миксер додека да добиете изедначена, кремаста, мазна и пенлива смеса. Во посебен сад пенасто изматете пет белки со прстофат сол.




Потоа започнете постепено да го додавате шеќерот, па матете додека тој целосно да се растопи и добиете цврст и густ снег. Во кремастата смеса од бадеми и јајца додајте го брашното на два наврати, мешајќи со лажица или шаптула. Потоа додајте го и снегот од белки, исто така постепено, за да остане смесата пенлива и воздушеста.




На крај додајте го растопениот путер и продолжете со нежното промешување додека и тој да се инкорпорира. Од оваа смеса треба да добиете три кори за да биде повисока тортата. Во овој случај немавме калап со соодветните димензии, па смесата ја поделивме на два дела и ја распоредивме во два плеха 23х33 см, претходно намастени и обложени со хартија за печење.

Се печат во претходно загреана рерна на 200 степени околу 8-10 минути. Откако се испекоа корите, со помош на четириаголен калап, извадивме три еднакви кори. Вие, може да го следите нашиот случај, или да користите некој помал калап.




ЗА СИРУП ОД КАФЕ: во еден сад ставете ја водата, шеќерот и кафето, па со жица-маталка промешајте за да се растворат состојките. Ставете на оган да зоврие, па тргнете го на страна, претурете го во шолја и оставете го на страна.

На пареа растопете 70 г чоколадо, па додајте ги крцкавите чоко-чипс, промешајте и добиената смеса распоредете ја врз првата кора. Покријте ја со лист хартија за да не се суши и оставете на ладно да се стегне.

За ганаш: помешајте 160 г чоколадо и 160 г слатка павлака, па загревајте на тивок оган (не смее да зоврее) додека да се растопи чоколадото. Оставете да се олади во фрижидер (ќе стане густ и кремаст).




ЗА КРЕМ: Жолчките пенасто изматете ги додека да згуснат и побелат. Во посебен сад ставете го шеќерот, водата и кафето, па ставете да се загрее на умерен оган додека да се растопат состојките и смесата да почне да се подига. Врелиот сируп од кафе додавајте го постепено со тенок млаз во жолчките додека непрекинато матите со миксерот.

Матете непрекинато додека целосно да се олади смесата и стане кремаста. Потоа додајте го омекнатиот путер (смесата и путерот треба да бидат на иста температура, во спротивно, ако смесата е топла, путерот ќе се растопи). Изматете со миксерот додека да добиете фин, изедначен крем.




Првата кора превртете ја наопаку (со чоколадниот слој надолу), па опачината премачкјате ја со изладениот сируп од кафе. Одозгора нанесете половина од приготвениот крем, распоредете и израмнете. Потоа нанесете ја втората кора, па и неа премачкјате ја со сирупот. Одозгора премачкјате со изладениот ганаш, па поклопете со третата кора.

Премачкајте со сируп од кафе, па нанесете го остатокот од кремот. Израмнете и оставете ја тортата во фрижидер најмалку 2 часа, или преку цела ноќ. За чоколадна глазура: растопете го чоколадото на пареа, додајте масло и промешајте.

Излејте ја чоколадната глазура врз тортата, па вратете ја во фрижидер додека да се стегне. Потоа сечете ја (со топол и сув нож), па секое парче декорирајте го посебно. Деталите погледнете ги во видеото ОВДЕ.