Рецепт и видео презентација на Ана од “Гала Фуд” (Gala Food) – Макарони во млеко од рерна, без варење. Вкусно и брзо јадење за целото семејство, доста е заситно па може да се послужи за појадок, вечера или за ручек. Запишете си го овој рецепт зошто често ќе го правите.
Потребни состојки: 250 г макарони, 150 г ситно сирење, 2 јајца, 2 супени лажици масло за готвење, 600 мл млеко, рендан кашкавал за наросување
Постапка: Во еден огноотпорен сад (не треба претходно да го намастувате) рамномерно распоредете 250 г макарони, да биде прекриена целата површина. Врз нив наросете 150 г ситно сирење и фино распоредете го меѓу макароните.
Во посебен сад изматете две јајца со виљушка и прелијте ги врз макароните. Наросете со две лажици масло за готвење и на крај прелијте со 600 мл млеко. Со помош на лажица распоредете ги макароните рамномерно насекаде во садот.
Ставете да се пече во претходно загреана рерна на 200 степени околу половина час. печените макарони извадете ги од рерна и додека се топли одозгора наросете ги со рендан кашкавал по ваш избор. Вратете ги макароните во рерна уште 10 минути за да се запече кашкавалот.
Декорирајте со ситно сечкан свеж магдонос, или ситно сечкани перца од млад кромид. Можете веднаш да го послужите додека е топло, но вкусно е и ладно. Ова јадење е згодно да се приготви кога немате многу време, а ќе извалкате само еден сад. деталите од целата постапка погледнете ги во видеото ОВДЕ.
ПРОЧИТАЈТЕ ГО И СЛЕДНИОТ РЕЦЕПТ: Макарони запечени со мелено месо – ручек за десетка
Запечени тестенини со месо е еден од оние рецепти кои се добри кога веќе сè ви е здосадено и сакате полн вкус во устата. Тестенините не треба да се варат, па така ова јадење е уште полесно за приготвување. Месото можете да биде по ваш избор и вкус, исто како и зачините.
Потребни состојки: 500 г мелено месо по избор, 100 мл масло, 1 главица кромид, 400 г тестенини, 1 лажица црвен, мелен пипер, 1 лажица сув зачин (вегета), ½ лажичка сол, 1 лажица брашно, 500 мл вода, 500 мл млеко
Постапка: Исечкајте го ситно кромидот, па со малку вода, масло и сув зачин издинстајте го. Потоа додадете го меленото месо и чаша вода, па динстајте додека водата да испари.
Тргнете од оган, па додадете половина од водата, млекото и зачините. Брашното разматете го со вода за да нема грутчиња, па додадете го во претходно соединетата смеса.
Вклучете ја рерната на 200 степени. Во огноотпорен сад и керамичка подлабока тава ставете половина од тестенините, па рамномерно распоредете ја смесата со месото, па одозгора ставете го остатокот од тестенините. Сè плива и има многу вода, но така треба да биде. Во текот на печењето водата ќе испари, а тестенините еден дел ќе впие.
После половина час од печењето, внимателно со лажица промешајте до дното. Готово е кога водата ќе испари, потребно е да остане сосем малку на дното, за да биде јадењето сочно и кремасто. Пред крај може да изрендате кашкавал одозгора. / Domacirecepti.com