Неверојатно меки и вкусни. Можете да ги полните со што сакате, а откако ќе ги обликувате се ставаат во рерна веднаш, без да ги чекате да ферментираат. Не содржат јајца, ниту квасец, па одлични се за сите оние кои ги одбегнуваат овие состојки.




Не ви е потребна ниту вага, бидејќи сите состојки се мерат со една иста јогуртна чаша од 180 г или 200 мл. Искрено ви ги препорачувам да ги испробате, бидејќи навистина имаат преубав вкус. Сусамот им дава посебен шмек, а може да наросите и ким. Се топат во уста! Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (се мери со јогуртна чаша од 180 г или 200 мл): 2 чаши јогурт, 1 чаша масло, 2-3 кесички прашок за печиво, 2 мали лажички сол, 6-7 чаши брашно (може да варира повеќе или помалку), малку вода за натопување на погачиците, 100 г истостиран сусам (малку пропржен)




Погачиците можете да ги правите празни или да ги филувате. За фил предлог: 1 чаша кисела павлака, 150 г шунка и 3 кисели краставички. Наместо овој фил можете да ставите ситно фета сирење помешано со малку крем сирење или урда.




ПОСТАПКА: Во подлабок сад ставете две чаши јогурт, а потоа додајте и една чаша масло. Во оваа смеса додајте 30 г прашок за печиво, затоа е важно да ја погледнете грамажата на кесичките: ако е 15 г, тогаш ставете 2 кесички, а ако е 10 г, тогаш ставете 3 кесички.




Постепено додавајте 6-7 чаши брашно, а заедно со брашното додајте и 1-2 лажички сол (по вкус). Најпрво мешајте со лажица додека да се згусне, а потоа започнете да го месите тестото со рака. Кога ќе го изработите тестото треба да биде меко, сосем малку лепливо на допир.




Рерната вклучете ја да се загрева на 180 степени, додека во меѓувреме ги правите погачиците. Кинете од тестото, а потоа формирајте топчиња со величина на дланката. Наросете малку брашно, па со дланките малку сплескајте го секое топче, па филувајте со по една лажичка фил по ваш вкус.




Јас филував со кисела павлака и сувомеснато, а вие може да филувате со сирење и нешто друго по желба. Добро затворете го филот и повторно формирајте топчиња. Тестото убаво се обликува, па само добро затворете го со прстите.




Вака формираните топчиња кратко натопувајте ги во вода, а потоа валкајте ги во сусам. Редете ги во плех и ставете ги да се печат во загреана рерна на 180 степени околу 15-20 минути додека малку да заруменат. Деталите можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.