Белата старинска торта порано се правеше со 24 јајца и беше најпознатата торта која ја правеа нашите баби и прабаби. Многу е раскошна и кремастиот вкус се должи на големиот број на јајца кои се ставаа во неа. Сега, кога постојат најразлични верзии од сите торти и колачи, така и за овој рецепт има промена.
Наместо да ја направите тортата со 24 јајца, сега ќе ви биде потребно само едно јајце. Кога ви се јаде нешто благо направете си ја и уживајте во нејзиниот вкус кој е многу освежителен. Се подготвува од неколку состојки, а суштината на убавиот вкус „лежи“ во кората. Прекрасниот цитрусен шмек кој ја омекнува кората, па дури некогаш ќе си ја правите и само неа како сув колач. Полн погодок, две во едно. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 250 г јогурт, сок од 1/2 лимон, 1 мала лажичка сода бикарбона, 1 јајце, 150 г шеќер (3/4 чаша), 60 мл сончогледово масло (1/3 чаша), 180 г брашно. ЗА КРЕМОТ: 600 г грчки јогурт (може и павлака), 80 г шеќер во прав, кокос, малку растопено чоколадо за декорација. Во продолжение прочитајте ја постапката:
ПОСТАПКА: Најпрво подгответе ја кората која треба да има текстура нешто погуста од онаа за палачинки. Излејте го јогуртот во еден сад, треба да биде на собна температура и додајте половина сок од лимон. Додајте 1 мала лажичка сода бикарбона, а ако немате може да замените и со прашок за печиво. Соединете ја смесата со жица/маталка додека да стане хомогена.
Потоа додајте го маслото, шеќерот и јајцето, измешајте добро, па кога ќе се соедини, на крајот се додава просеаното брашно. Целата смеса се соединува еднолично со константно мешање во еден правец. Подгответе си еден калап со флексибилен обрач и на дното обложете хартија за печење, исечена во форма на круг, а одозгора наместете го обрачот. Пречникот на калапот е 20 см.
Друга, поедноставна опција е да го намастите садот со малку масло на дното и од страните на калапот со помош на кујнска четкичка, а одозгора да го наросите со брашно. Излејте ја подготвената смеса во садот и ставете на печење во претходно загреана рерна на 180 степени, приближно 30-35 минути.
По печењето, оставете ја кората да се излади, па пресечете ја кората надолжно на три еднакви делови, но прво пресечете го делот кој одозгора се надигнал за време на печењето за кората да биде рамна и да можете подеднакво да ја пресечете.
ПОДГОТОВКА НА КРЕМОТ: Грчкиот јогурт изматете го во шлаг заедно со шеќерот во прав. Поделете го филот на три еднакви делови така што на едно место оставете малку повеќе фил. Ставете ја првата кора на чинија и одозгора филувајте, потоа се реди втората кора, се филува и се израмнува и на крај третата кора се премачкува целата торта.
Може да растопите и чоколадо за декорација и да прелиете одозгора, но може да правите и мали ѕвездички така што ќе капнувате по точка од чоколадото и со чепкалка ќе го разлеете како краци. Од страните тортата декорирајте ја со кокосови снегулки.
Ставете во фрижидер на кратко да се стегне, а потоа послужете ја. Најдобро е да отстои неколку часа во фрижидер или преку цела вечер. Следниот ден се послужува на триаголни парчиња со големина по ваша желба.
Тортата може да ја направите и како сув колач, односно да не го правите кремот, кората самостојно е многу вкусна, особено ако се прелие со сок од портокал. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.