Можеби се сеќавате на овој рецепт од амбалажата на кесичката со желатин, а уште многу одамна го приготвуваа нашите баби и мајки за некои свечени пригоди, родендени, празници и речиси задолжително за Нова година. Според тој „оригинален“ рецепт 800 мл јогурт кратко се загрева со малку сол, а посебно се растопуваат 6 кесички желатин, според упатството.

Рецепт 1: Бела пивтија со јогурт, рецепт и фото на Никиќ Билјана

 




Штом зоврие јогуртот, се додава 600 г мајонез и желатинот, се трга од оган и непрекинато се меша. Потоа во длабок калап обложен со фолија се реди по две кутлачи од мешавината, па 6-8 листови салама или тост-нарезок, па повторно две кутлачи, па тркалца варени јајца, две кутлачи, па листови кисели краставички, две кутлачи, па листови варен морков и се завршува со течноста.




Се остава да преноќи во фрижидер, а следниот ден се превртува врз украсна чинија и се декорира по желба. Сигурно се сеќавате на овој рецепт кој има одличен вкус, а еве го и рецептот на Никиќ Билјана кој го испробавме и исто така, има предобар вкус. А за љубителите на салата со мајонез пригответе свечена салата со малку поинакви состојки:




РЕЦЕПТ 1 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (рецепт на Никиќ Билјана): 750 мл јогурт, 200 г мајонез, 50 г желатин, 300 г шунка (по ваш избор) исечкана на коцки, 4 варени моркови исечкани на коцки, 4 варени јајца исечени на коцки, половина лажичка сол

рецепт 2 – Свечена салата

РЕЦЕПТ 2 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 200 г смрзнат грашок, 200 г морков, 350 г компир, 1 јаболко кисело + лимонов сок, 6 лажици мајонез, 3 лажици кисела павлака, 250 мл супа од зеленчук, 1 кесичка желатин (7 г), 6 јајца, 1 црвена пиперка, 1 китка магдонос за декорација, сол, црн пипер




ПОСТАПКА за рецепт 1: Желатинот потопете го во 50 мл ладна вода и оставете го да набубри. Помешајте јогурт, мајонез и сол, па ставете на оган и загревајте до точка на вриење, но не дозволувајте да зоврие (штом забележете дека започнува да испарува и се појават првите меурчиња, тргнете го настрана).




Тргнете го јогуртот од оган, земете една кутлача од смесата и додајте го во желатинот, па мешајте додека желатинот да се растопи. Треба да добиете мазна смеса без грутчиња. Оваа смеса вратете ја во топлиот јогурт и добро промешајте за да се изедначи.




Додајте ги сите претходно исечкани состојко, полека и нежно промешајте па целата содржина излејте ја во калап по ваш избор (јас користев длабок калап 25х40 см). Израмнете и покријте со проѕирна фолија.

Рецепт 1: Бела пивтија со јогурт, рецепт и фото на Никиќ Билјана




Калапот оставете го преку цела ноќ да отстои во фрижидер, потоа преврете во некој соодвете сад, па исечете на парчиња непосредно пред послужување. Како декорација можете да наросите некој зачин или ситно сечкана зелена билка. Рецепт и фото на Никиќ Билјана.




ПОСТАПКА за рецепт 2: Јајцата сварете ги 10 минути, потврдо, па ставете ги во ладна вода и оставете ги да се изладат, па потоа излупете ги. Морковите исечени на коцки, грашокот и компирот варете ги одвоено во вода во која сте додале малку сол, додека да омекнат.

Извадете ги со решеткаста лажица и оставете ги да изладат целосно. Јаболкото излупете го, исечете го на коцки и прелијте го со сок од лимон за да не потемнува.




Изладениот зеленчук и јаболкото ставете ги во голем длабок сад. Мајонезот измешајте го со киселата павлака, додајте сол и црн пипер по вкус и прелијте преку зеленчукот, па добро промешајте.

Водата во која се вареше зеленчукот искористете ја за приготвување на желатинот кој ќе го приготвите според упатството. Потоа, кога ќе набубри растопете го на пареа или на тивко, па помешајте го со смесата од зеленчук.




Оставете да излади, па развлечете ја смесата во правоаголник (калап 28х13 см, длабок 6 см) врз фолија. Во средината наредете варени јајца, па свиткајте во ролат. Оставете во фрижидер преку ноќ убаво да излади и да се стегне.