Сите што ја пробаа, многу ми ја пофалија, а пријателката ми рече: „Кога ја пробав оваа торта, забите и непцата ми се радуваа – едноствно а толку вкусно, не сум јадела ништо слично во последно време“. Сите мислеа дека многу комплицирано се прави, бидејќи изгледа бомбастично, но напротив постапката е многу лесна и потребни ви се неколку состојки.
Уште додека ја правев, децата не можеа да издржат да биде готова, па по малку си јадеа од филот. Одличен рецепт кога сакате да се спасите од валкање на многу садови и да не чекате долго време. Ова е вистинскиот избор! Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 3 јајца, 80 г шеќер (3 големи лажици), 80 г брашно, 20 г какао (2 големи лажици), 50 мл млеко (3,5 големи лажици), 30 мл масло (3 големи лажици), прстофат сол, 1 мала лажичка прашок за печиво.
ЗА ФИЛОТ СО КОКОС: 200 мл млеко (1 чаша), 100 г путер, 80 г шеќер (3 лажици), 250 г кокосови снегулки, 100 г кондензирано млеко (3,5 големи лажици). За глазура: 80 мл неутрална павлака, 100 г чоколадо. За импрегнирање користете млеко или неутрална павлака.
ПОСТАПКА: во еден сад скршете ги трите јајца, наросете со прстофат сол и додајте го шеќерот. Изматете го миксер додека да се соединат состојките и да се формира фина кремаста смеса која треба да биде течна и мазна. Потребно е да матите во еден правец 5-7 минути.
Додајте го маслото, млекото и продолжете да матите со постепено зголемување на јачината на миксерот. Преку сито додајте ги и останатите суви состојки: брашното, прашокот за печиво и какаото, па продолжете да мешате со шпатула до соединување на смесата во фина смеса.
Излејте ја смесата во калап со пречник од 18 см или некој со слична големина, претходно обложен со хартија за печење. Печете во претходно загреана рерна на 180 степени, 30 минути. Пред да го ставите калапот на печење, малку протресете го од површината за да се ослободат вишокот гасови кои се насобрани на дното од калапот.
Во меѓувреме подгответе го кремот: во едно тавче ставете го шеќерот, млекото, путерот и кондензираното млеко. Измешајте со шпатула и ставете на рингла со средна температура да се згусне филот со постепено мешање. Кога ќе почне да врие додајте ги кокосовите снегулки и гответе уште 2-3 минути на ниска температура.
Оладете го филот пред да го премачкувате. Испечената кора треба да се олади, а потоа се сече на три еднакви делови, напречно. Првата кора се поставува во калапот каде што првично ја печевте, потребен е само обрачот, а одоздола да има чинија. Околу обрачот може да ставите хартија за печење за да не ви залепи.
Кората се хидрира со 1 супена лажица млеко или неутрална павлака, па кога ќе впие додајте половина од оладениот фил и рамномерно распоредете го низ површината. Одозгора се става втората кора, повторно се наросува со млеко и се филува со останатиот кокосов фил.
На крајот ставете ја третата кора, натопете ја со малку млеко и одозгора глазирајте ја со чоколадната глазура од чоколадо и млеко. Глазурата може да ја подготвите на пареа или директно на рингла, но пред тоа ставете ја тортата да се стегне во фрижидер 2-3 часа покриена со фолија. Пред глазирање, се вади обрачот од калапот и хартијата за печење. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.