Баунти коцки од гриз – фин колач без печење. Сигурна сум дека и некогаш сте се нашле во ситуација кога нешто ви се јаде, ама баш многу, а не можете да одите до слаткарница.
Така и мене неодамна ми дојде желба за баунти чоколатца, па одлучив малку да експериментирам и да направам не едно чоколадо, туку цел куп! И така се создадоа баунти коцките од гриз. Ова е еден навистина фин колач без печење кој ќе го направите за момент и кој се приготвува навистина многу едноставно.
Баунти коцките од гриз како што самиот назив кажува, се кремасти колачи на кои основата им е пченичен гриз. Со додаток на кокос, чоколадо, шеќер и путер, со правилен распоред на состојките и нивно соединување, за само половина час ќе приготвите совршен кремаст колач. Како? Да почнеме отпочеток…
Подлогата на колачот е чоколадна и не се пече. Се вари гризот, во него го додаваме чоколадото и путерот и тоа е тоа. Има тука уште неколку „трикови“, но за тоа погледнете го описот за подготвување.
Кремот се подготвува многу слично на основата: се вари гризот, се додава кокосот и малку путер, и тоа е тоа. Како што е редот, баунти колачот треба да го завршиме со чоколаден слој. Тоа всушност е еден најобичен ганаш кој се приготвува за една минута. Дали ви се допаѓа идејата?
Баунти коцките од гриз се колач кој можете да го направите ама баш секојпат кога ќе ви се пријаде нешто благо. Да, им доста гриз во рецептот, но зошто да не?
Да се вратиме назад во нашето детство кога јадевме гриз и млеко многу често и тоа беше нашата омилена слатка.. Ова е само стокмено во вид на колач кој навистина ќе ве воодушеви и кој буквално се топи во уста…- Сандра Гашпариќ
Потребни состојки за основа: 600 мл млеко, 8 лажици гриз, 6 лажици шеќер, 1 ванилин шеќер, 100 г чоколадо за готвење, 2 лажици какао, 50 г путер
За кремот: 1 литар млеко, 10 лажици шеќер, 1 ванилин шеќер, 6 лажици гриз, 120 г кокос, 30 г путер. За чоколадна глазура: 150 г чоколадо за готвење и 150 мл слатка павлака
Постапка: За основата, сварете го млекото заедно со шеќерот и ванилин шеќерот во сад. Кога ќе зоврие, додајте го гризот и варете неколку минути со непрекинато мешање. Кога гризот ќе се свари и згусне, додека е врел додајте чоколадо искршено на коцки, какао и путер, па мешајте додека сè се соедини.
Истурете ја топла смесата во плех за печење кој претходно треба само да се исплакне со ладна вода. Израмнете со лажица и оставете да се олади на собна температура.
Веднаш после тоа одиме на приготвување на кремот. Сварете го млекото со шеќерот и ванилиниот шеќер, па додајте го гризот.
Гответе го гризот мешајќи постојано. Потоа додајте путер и кокос и добро промешајте да се соединат и растопат. Веднаш истурете го топлиот крем врз основата и израмнете. Оставете да се излади и стегне.
Во меѓувреме, направете ганаш (чоколадна глазура). Во мал сад загрејте ја слатката павлака на тивок оган, но внимавајте, не смее да ви зоврие. Додајте го чоколадото искршено на коцки и промешајте додека да се растопи и соедини со павлаката.
Излејте ја добиената топла глазура врз тортата и оставете да се излади целосно. Баунти колачот после ладењето сечете го на коцки и послужете. Добар апетит! / Сандра Гашпариќ / reсiресi.соm