Овој рецепт за брза вечера го нарекуваат „Балкански палачинки“. Иако немаат многу заедничко со класичните палачинки кои ние ги познаваме, сепак некој ги нарекол така, веројатно поради брзината на нивната подготовка.
Толку се вкусни и ароматични поради состојките кои се користат во нивната подготовка, сигурни сме дека ќе станат едни од вашите омилени закуски. Можете да ги приготвувате за појадок, вечера или предјадење. Многу се вкусни.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 шолја (од 100 мл) млеко, 2 јајца, 1 лажичка сол (4 г), 80 г рендан кашкавал, 80 г ситно бело сирење, малку магдонос (7-8 гранчиња), 3 стебленца млад кромид (зелени перца), 1 кесичка прашок за печиво (10 г), 3 чаши обично брашно (360 г). За пржење: 1 чаша растително масло (180 мл).
ПОСТАПКА: Сирењето исечете го на коцки и испасирајте го со помош на виљушка. Во подлабок сад додајте ги јајцата, млекото, ренданиот кашкавал и сирењето, а на крај додајте го и ситно сечканиот млад кромид и магдоносот.
Промешајте додека да се изедначат сите состојки, а потоа започнете постепено да го додавате брашното помешано со прашокот за печиво. Додека е возможно мешајте со лажица, а потоа тестото замесете го со рака, додека тоа да стане компактно (за неколку минути).
За полесно да се работи со него, добиеното тесто поделете го на половина. Секој дел формирајте го во топка, малку спласкајте го со дланката и со помош на оклагија развлечете кора со величина на тавата во која ќе се пржат триаголниците.
Во длабока и широка тава ставете го маслото и вклучете да се загрее на умерена температура. Кората исечете ја на триаголница, слично како кога приготвувате и кифли (по потреба, работната површина малку набрашнувајте ја, за да не ви се залепува тестото).
Во загреаното масло спуштајте ги триаголниците и пржете ги по неколку минути од двете страни, додека убаво да заруменат. Потоа вадете ги врз чинија обложена со хартиена салветка за да се впие вишокот маснотија. Овој рецепт многу потсетува на омилениот на читателите од НМД.мк, а тоа е:
Брзо, лесно и многу едноставно за појадок или закуска – за 15 минути е готово. „Рецептот одамна ми беше запишан во тефтер, па прелистувајќи го, го здогледав и одлучив да го направам. Се приготвува навистина многу брзо и едноставно, а добивате многу вкусен оброк“ – Beti Josi (Klara Boss).
Секогаш кога ви треба нешто брзо, лесно и едноставно за вечера… Потребни состојки: 1 јајце, 200 мл јогурт, 400 г брашно, 1 прашок за печиво, 1 лажичка сол, 130 г сирење, 130 г кашкавал, 130 г шунка, 1 лажичка оригано и 3 лажици кечап
Постапка: Шунката, кашкавалот и сирењето се рендаат ситно. Од сите состојки се замесува хомогено тесто, кое го развлекуваме во кора на набрашнета работна површина, со дебелина од околу 0,5 см. Кората се сече на коцки.
Веднаш се пржат во загреано масло по неколку минути од двете страни додека убаво да заруменат, па се редат врз хартиена салветка за да се впие вишокот маснотија. Служете ги топли, но вкусни се и кога се изладени, со чаша јогурт, кисело млеко или нешто по ваша желба.