Рецепт на Александра од каналот Мојата Мала Кујна. Баклава која им успева на сите – ова е рецепт за сите почетници во правењето на ова традиционално јадење, со помош на мали тајни од кујната. Оваа баклава на сите им се допаѓа, затоа што е сочна, крцкава и многу вкусна.
Потребни состојки: 250 г мелени ореви, 250 г ситно сечкани ореви, 60 г презла или лебни трошки, 200 г шеќер. Може да ставите и 100 г шеќер, доколку не сакате баклавата да биде премногу блага. Други потребни состојки: 200 г путер, 100 мл масло. И уште: 800 мл вода, 500 г шеќер (или 300 г шеќер и 200 г мед), лимон по желба и 450 – 500 г готови кори за баклава.
Постапка: Соединете ги во еден сад путерот, кој треба да биде претходно растопен заедно со маслото. Во друг сад соединете ги мелените и сечканите ореви, заедно со шеќерот и презлата или лебните трошки. Се добро промешајте додека да добиете добро соединета смеса.
Подгответе ги корите за баклава и отворете ги врз работна површина. Јас користев 470 г кори, но може да искомбинирате од 400 – 500 г во зависност од тоа какви кори ви се достапни. Подгответе и една тепсија. Тепсијата е со величина 38×26 цм.
Најдобро е корите да бидат со иста величина како и тепсијата, а доколку се поголеми, тогаш со ножици скратете ги според потребните димензии. Доколку не е, пресечете ја кората да е приближно иста. Премачкајте ја тепсијата со мешавината од растопен путер и масло. Потоа ставете една кора и благо наместете ја.
Одозгора ставете и втора кора, па и оваа премачкајте ја со малку масло, па ставете ја третата кора, исто намастете ја па одозгора ставете со рака и рамномерно распоредете со мешавината од ореви. Најчесто ставам по 3 неполни раце од мешавината со ореви и ги распоредувам.
Потоа ставете друга кора одозгора, намастете ја, па ставете ја следната и таа намастете ја и ставете ореви врз неа. Важно е рамномерно да ги распоредите оревите за да може баклавата добро да се исече кога ќе биде готова.
Потоа продолжете со истиот редослед сè додека да ви останат 4 кори за крај кои ќе бидат потребни за покривање на баклавата. Значи водете се по редоследот, на секоја втора кора ставате ореви, а првата само ја намастувате.
Откога ќе ги потрошите оревите, ставете една кора и намастете ја, а одозгора ставете уште две кори, претходно намастени. Оставете си една кора за крај. Потоа е потребно да ја исечете баклавата. Секој си има различен начин на сечење, но доколку сте нови во ова, ќе ви кажам еден трик.
Најпрво со н ож исрцтајте го начинот на сечење на баклавата. Баклавата се сече ромбоидно. Доколку порано, често ви го-рела горната кора, а притоа е прилепена за баклавата, за вас имам еден едноставен трик кој се применува при печење на речиси сите печива.
Врз баклавата ставете хартија за печење, а на овој начин нема ни да ви изго-ри, ни да ви се прилепи. Е сега, ставете ја и последната кора врз хартијата за печење и премачкајте ја со масло и путер, за во случај полесно да ја извадите хартијата за печење и да знаете колку отприлика треба да се пече.
Баклавата се пече во претходно загреана рерна на 180 степени околу 10 минути, т.е. додека да зарумени горната кора. Откога ќе зарумени горната кора, извадете ја заедно со хартијата за печење, намалете ја температурата на рерната на 150 степени и печење уште 40 минути.
Во меѓувреме зовријте 800 мл вода, а потоа додајте 500 г шеќер. Оставете да вари 15 минути додека да се формира убав шербетен сируп. Овој сируп прелијте го врз врелата баклава, рамномерно.
Оставете да отстои додека сирупот навлезе во сите делови од баклавата и горната кора малку да омекне. Доколку горната кора не омекне по некое време, имам еден трик за вас. Ставете ја претходно користената хартија за печење со мала тепсија одозгора.
Оставете вака да отстои 5 минути, но не повеќе од тоа бидејќи може и премногу да омекне. Оставете баклавата да отстои на ладно место, најмалку еден ден пред послужување. Деталите од целата постапка погледнете ги во видеото ОВДЕ.