Оваа баклава уште се нарекува и „мароканска“ бидејќи изобилува со привлечни ароми. Не се приготвува како класичната баклава со многу кори, туку потребно е да набавите лиснато тесто или доколку знаете сами да го направите. Колачот кој ќе го добиете е толку сочен што просто се топи во уста…
Потребни состојки: 250 г лиснато тесто, 250 г бадеми (лупени, пропржени и сомелени), 250 г мелени ореви, 100 г кафеав шеќер, 2 супени лажици сок од портокал (или ароматична вода од цветовите), 1 кафена лажичка цимет, 1/2 помала чаша растопен путер (околу 50 г).
За сируп: 250 г течен мед и 4 лажици ружина вода (или обична) за да се разреди малку медот. И уште: 100 г цели јатки бадеми за украсување
Постапка: Развлечете го лиснатото тесто и поделете го на два еднакви делови, според димензиите на плехот во кој ќе се пече (средна величина). Во плехот поставете ја едната кора, избоцкајте ја со виљушката на неколку места, па врз неа рамномерно истресете го филот.
За фил: сите наведени состојки измешајте ги во поголем сад, а на крај додајте растопен путер колку да можат да се поврзат во смеса со конзистенција на влажен песок. Филот поклопете го со втората кора и убаво притиснете одозгора со дланките за да се залепи.
Вака приготвениот колач оставете го на ладно или во фрижидер да отстои половина час, а потоа исечете го на баклави или коцки, а одозгора врз секое парче втиснете по еден цел бадем. Ставете да се пече во загреана рерна на средна температура (околу 200 степени).
Баклавата се пече кратко време, околу 15-тина минути додека да зарумени/пожолти, а потоа извадете ја и по неколку минути рамномерно прелијте ја со претходно приготвениот (ладен) сируп. За сируп: ако медот е кристализиран, загрејте го на пареа за да се растопи и додајте малку вода. Оставете да излади. / Coolinarika.com
Баклава без кори: превкусен, сочен колач – Нема да ве остави рамнодушни!
Потребни состојки: 3 јајца, 150 г шеќер, 12 лажици млеко, 12 лажици масло, 12 лажици пченичен гриз, 12 лажици брашно, 1 прашок за печиво и 200 г мелени ореви. За шербет: 400 г шеќер и 450 мл вода.
Постапка: Изматете јајца со шеќер, па додајте ги останатите состојки, па на крај мелени ореви и лесно со лажица промешајте од долу кон горе. Смесата ставете ја во намастен и набрашнет плех (20×25) и со лажица израмнете. Колачот печете го во загреана рерна на 200 степени додека убаво да зарумени.
Оставете да излади а во меѓувреме сварете го сирупот: водата со шеќерот да зовријат. Изладениот колач исечете го на коцки, па прелијте го со топол сируп. Украсете со малку мелени ореви, па оставете на ладно место убаво да излади. / Coolinarka.com
Најбрзата и највкусната баклава без кори ЕМИЛИ, готова е за половина час. Многу брз и вкусен колач.
Потребни состојки: 4 јајца, 2 шолји шеќер, 1 шолја масло, 1 шолја млеко, 1 шолја гриз, 1 шолја остро брашно и 2 шолји мелени ореви. За прелив: 500 мл вода, 2 шолји шеќер. Се користи шолја од 200 мл
Постапка: прво пригответе го сирупот за да има време да излади додека се приготвува колачот. Ставете ги шеќерот и водата на оган, па мешајте додека да зоврие и шеќерот да се растопи. Тргнете го на страна. Пенасто изматете ги јајцата со шеќерот, па додајте ги останатите состојки.
Добиената смеса излејте во тепсија и печете во загреана рерна на 180 степени околу половина час. Јас направив половина доза, па ми излезе потенка. Значи, каква димензија на тепсија ќе користите, таква дебелина ќе добиете на колачот (поголема – потенок колач, помала – подебел колач).
Врелиот колач прелијте го со сирупот, почекајте малку да излади, па наросете го со мелени ореви и исечете го на парчиња со форма и големина по ваша желба. / Coolinarika.com
Лажна баклава – сочен колач со ореви прелиен со шербет, се топи во уста, му нема рамен. Фотографија и рецепт на Ленче Гогова – Лажна баклава.
Рецептот за овој превкусен колач кој се топи во уста, омилен на сите обожувачи на шербетните колачи, ни го претстави нашата драга членка Ленче Гогова во групата НМД рецепти.
Потребни состојки: 5 јајца, 1 чаша (од 200 мл) шеќер, 1 чаша млеко, ½ чаша масло, 2 чаши брашно, 1 чаша гриз, 2 чаши мелени ореви, 1 лажичка прашок за печиво
За шербет: 600 мл вода, 1 чаша (од 200 мл) шеќер, ½ лимон исечен на тркалца
Постапка: најпрво се приготвува шербетот за да има време да излади. На оган се зоврива 600 мл вода со 1 чаша шеќер и се вари 5 минути од моментот на зовривање. Пред крај се додаваат парчиња лимон и се остава на страна.
Во подлабок сад пенасто се матат 5 јајца, па постепено им се додава шеќерот и се мати додека да згуснат, побелат и шеќерот да се растопи. Потоа додека сè уште матите додајте млеко и масло, намалете ја брзината, па додајте го брашното, гризот и прашокот за печиво.
На крај додајте ги мелените ореви, па промешајте, а добиената смеса излејте ја во намастен и набрашнет плех или тепсија со средна величина и ставете да се пече во загреана рерна на 180 степени околу 30-40 минути.
Печениот колач оставете го 5 минути да подизлади, одозгора наросете го со грубо сечкани ореви, па прелијте го со шербетот. Оставете убаво да се впие, па послужете го добро изладен. / Фотографија и рецепт на Ленче Гогова