Потребни состојки за рецепт 1:
1 шолја шеќер (шолја од 170 мл)
½ шолја мелени ореви
½ шолја маст/ путер
2 шолји брашно
1 супена лажица мед
Потребни состојки за рецепт 2:
1 шолја маст/ путер
1 шолја шеќер
1 јајце
2 шолји брашно
1 шолја мелени ореви
Малку сода бикарбона
Потребни состојки за рецепт 3:
Традиционалниот рецепт за бабини шепи се прави во калапи, но доколку немате такви, можете да ги правите со помош на обични модли за колачи или да обликувате топчиња како бомбици:
500 г брашно
250 г маст/путер
250 г мелени ореви
250 г шеќер
3 јајца
Шеќер во прав за валкање
Постапка за рецепт 1:
Од сите состојки се замесува тесто. Тестото е доста ровко, но тоа нека не ве загрижува. Калапите се намастуваат со маст или путер и набрашнуваат, па во нив се става малку од тестото кое треба лесно да се притисне.
Калапите не смеат да бидат полни до врв бидејќи тестото малку ќе нарасне. Полните калапи ставајте ги во плиток плех и печете ги на 200 степени околу 15 минути. Врелите шепи треба веднаш да се вадат од калап и да се валкаат во шеќер во прав.
Најдобри се кога ќе отстојат неколку денови. Излегуваат 40 парчиња.
Постапка за рецепт 2:
Маст, шеќер и јајце добро се матат. Потоа се додава брашно помешано со малку сода бикарбона и мелени ореви. Се соединува. Модлите се намастуваат и набрашнуваат, па во секое калапче се става по топче од смесата, се притиснува и се обликува во модлата. Не се полни премногу бидејќи тестото ќе расте во текот на печењето. Печете во рерна на 180 степени околу 15-20 минути, односно додека да зарумени. Печените шепи вадете ги од модли и валкајте ги во шеќер во прав.
Во смесата можете да додадете и еден ванилин шеќер.
Постапка за рецепт 3:
Во голем сад ставете ги сите состојки и со раце замесете мазно, малку лепливо тесто. Рерната загрејте ја на 180 степени да се загрее.
Ако правите со модли за шепи, потребно е да ги намастите и набрашнете. Модличките ги полните до половина па ги ставате да се печат.
Ако користите обични модли за колачиња со разноразни облици, тестото со помош на уште брашно развлечете го во кора со дебелина од 2 см, па исечете ги саканите облици. На тепсијата ставете хартија за печење, па редете ги кексите.
Ако сакате од тестото да правите бомбици, постапката е иста.
Се печат околу 15 минути на 180 степени. Ако ги правите како обични кекси прво чекате да изладат па ги валкате во шеќер во прав, а ако правите во вистински калапи за шепи, тогаш ги оставате 5 минути да отстојат во калапите, па дури тогаш ги вадите и уште топли ги валкате во шеќер во прав.