Отсекогаш ги сакав печивата од секој вид, но некако не ми одеше од рака месењето. Тестото ќе ми излезеше претврдо или жилаво како гума, па колку и да се трудев на крај не бев задоволна од резултатот. Така беше сè до денот кога баба ми ми ја откри тајната за памук печива. Ми рече:
„Што и да правиш од тестото, кифлички, погача, пита.., секогаш во замесувањето стави и една лажица оцет. Тоа дури и да нема квасец ќе излезе сето меуресто, а пак со квасец ќе биде меко како душа.“ И оттогаш редовно приготвувам според нејзиниот совет, и нема подобри од моите печива. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 2 чаши млако млеко (400 мл), 1 кесичка сув квасец (10 г), 2 мали лажички шеќер (16 г), 1 јајце + 1 белка, 2 мали лажички оцет 9% (12 мл, може вински, јаболков, бел), 550 г брашно или по потреба, 1 лажичка сол, 50 г омекнат путер + 150-200 г путер за премачкување на тестото. За премачкување на печивата: 1 жолчка + 1 лажица млеко и сусам за наросување
ПОСТАПКА: загрејте го млекото да биде млако, па сипете го во подлабок сад во кој ќе можете да го замесите тестото. Додајте шеќер и квасец, па промешајте додека да се растворат во млекото. Потоа додајте едно цело јајце и една белка (жолчката сочувајте ја за подоцна), претходно отстојани на собна температура.
Додајте го и оцетот, па убаво со кујнска жица-маталка измешајте додека состојките да се соединат. Потоа започнете постепено да го додавате брашното во кое сте помешале сол. Мешајте со лажица или шпатула додека да се впие сета течност. Треба да добиете меко тесто кое малку се лепи за рацете.
Додајте 50 г путер омекнат на собна температура, па полека домесете го тестото со рака додека путерот да се апсорбира во него и тоа да стане мазно и нелепливо. Садот намастете го со масло, ставете го внатре тестото и покријте го со фолија и крпа, па оставете го да ферментира 50-60 минути или додека тројно да го удвои волуменот.
Од стасаното тесто истиснете го воздухот со рака без да го премесувате, па истресете го на работна површина и со помош на дланките развлечете го во голема кора. Тоа е меко и лесно се развлекува (затоа не треба да го премесувате). Штом еднаш ќе добиете голема правоаголна кора, преку цела површина премачкјате со омекнат путер.
Започнете со диплење на тестото како за лиснато тесто: најпрво преклопете од едната страна, па од другата, а кога ќе добиете долг правоаголник, преклопувајте попречно како книга, додека да добиете квадрат. Секоја нова површина при диплењето премачкувајте ја со путер и со дланките дополнително развлекувајте.
Штом добиете квадрат, раширете го повторно во голема кора, па исечете ја на 16 парчиња. Од секое квадратче обликувајте топче со повлекување на аглите кон средишниот дел, како да ги штипкате, па топчињата редете ги во голем плех обложен со хартија. Оставете ги покриени да одморат 10-20 минути.
За тоа време вклучете ја рерната да се загрева на 180 степени. Жолчката изматете ја со една супена лажица млеко, па премачќкјате ги печивата одозгора со кујнска четка. наросете ги со сусам или семе по ваш избор. печете ги 20-25 минути или додека убаво да заруменат. Видеопрезентацијата погледнете ја ОВДЕ.