Ова е традиционален македонски десерт кој всушност е турки, но е одомаќинет кај нас и го знаеме од памтивек. Порано нашите баби многу често го приготвувале и бил еден меѓу основните десерти на кој најмногу им се радувале децата, а обично се подготвувал за празници.




За овој десерт не ви е потребен миксер, всушност и не се препорачува миксерот, бидејќи ќе се наруши потребната структура на смесата. Се приготвува од само три состојки: јајца, шеќер и млеко, а кој сака може да додаде и ванила за вкус.




Обично на еден литар млеко се ставаат 8 или 10 јајца во зависност од нивната големина, а шеќерот се мери со супени лажици и се ставаат онолку лажици шеќер колку што ќе ставите јајца.




Порано десертот се приготвувал директно во плехот во кој се печел, така што и немало валкање на садови, освен тој еден плех и виљушката или жицата-маталка која се користела за матење на јајцата и млекото.




Денес ќе ви го презентираме рецептот за „млечник“ како што се нарекува во повеќе македонски краишта, а некаде е познат и како „Кајмакчин“ или „Кајмачина“. Еве што ви е потребно за да го приготвите овој традиционален македонски десерт: 8 јајца, 8 супени лажици шеќер, 1 литар млеко и 3 кесички ванилин шеќер (по желба).




ПОСТАПКА: Во еден подлабок сад скршете ги јајцата и изматете ги со виљушка или жица-маталка, никако со миксер. Потоа додајте го шеќерот и ванилата, па продолжете со матењето додека да се растопи шеќерот.




Најпосле додајте го млекото и добро соединете го со јајцата додека да добиете изедначена смеса. За да биде уште помазен десертот, оваа смеса процедете ја низ цедалка за да се отстранат евентуалните јазли од белката.




Смесата претурете ја во соодветни огноотпорни десертни садови, а потоа нив наредете ги во поголем плех кој до половина треба да го наполните со топла вода. Потоа плехот сосе садовите ставете го претходно загреана рерна на 200 степени и веднаш намалете на 180 степени.




Печете околу половина час, а потоа оставете да се оладат на собна температура, па изладете во фрижидер. За да не се нафаќа коричка, туку да остане површината мазна, додека се ладат покријте ги одозгора со фолија. Ако ги приготвувате во плех бр. 26 која мора да биде подлабок:




Скршете ги јајцата директно во плехот (не се премачкува со масло, ниту со брашно), додајте ги шеќерот и ванилата, па изматете со жица-маталка. Потоа додајте го млекото и изедначете, па ставете да се пече во загреана рерна на 200 степени и намалете на 180, па печете од половина до еден час, во зависност од рерната. За не ви загорува одозгора, печењето можете да го прилагодите на следниот начин:




Загрејте ја рерната на 100 степени и ставете го млечникот да се пече на оваа температура додека да се загрее смесата, а потоа намалете на 50 степени и продолжете го печењето. Она што е најважно – млечникот не смее да зоврие!

Повремено проверувајте со прстот така што ќе ја допрете површината, па доколку згуснало како пудинг, тогаш е готово. Извадете и оставете да се олади на собна температура покриено со влажна крпа за да не фати тврда коричка. Рецепт на Мими.