Рецепт и видео презентација на Бригита Хусиќ – Печиво кое потсетува на бурек, прсти да излижеш. Ова печиво често го приготвувам и секогаш е успешно, а овојпат го направив малку поинаку и излезе феноменално. Потсетува на бурек и многу е вкусно, прсти да излижеш.

Ако не ви развлекуваат големи кори преку цела маса и немате трпение за тоа, тогаш пробајте го ова тесто. Точно дека треба малку подолго да се чека за да стаса, но немате толку работа околу него. Јас го виткав како ѓевречиња, но вие ако сакате можете и поедноставно, како ролат.

Ако го виткате како ролат, тогаш ролничките правете ги потенки, кората виткајте ја само 2-3 пати, а не до крај, за да не биде дебело тестото и да може убаво и рамномерно да се испече. Се надевам дека ќе ви се допадне овој рецепт, испробајте го.

Откога ќе ги формирате печивата како ѓевречиња или ролатчиња или во форма по ваш избор, се печат во претходно добро загреана рерна на 220 степени околу 20 минути. Како што и секогаш напоменувам, некои од состојките за филот секогаш може да ги менувате.

Потребни состојки за тесто: 900 г брашно и уште малку за домесување, 300 мл млака вода, 300 мл млако млеко,2 цели јајца и 1 белка, 2 кесички сув квасец, 1 полна кафена лажичка шеќер, 2 кафени лажички сол, 4 супени лажици масло и уште малку за доработка.

За премачкување на печивата: 1 жолчка, 1 лажица млеко и 1 лажица вода. За фил: 500 г мелено месо, 2 главици кромид, 200 г рендана моцарела (или кашкавал по избор), 1 полна лажица сув зеленчуков зачин (вегета), 3-4 лажици масло за пржење.

Постапка: Во длабок сад за месење ставете 800-900 г брашно, па во средина направете вдлабнување и додадете 2 кесички сув квасец (може да употребите и свеж, само ситно издробете го). Потоа додадете една полна лажичка шеќер и малку млако млеко.

Најдобро е млекото и водата да ги измешате заедно (да бидат млаки), па постепено заедно да ги додавате во брашното. Промешајте со лажица за да се растворат шеќерот и квасецот, па оставете 5-10 минути на топло место без провев, за да се активира квасецот и запени.

Откако квасецот ќе стаса, наросете две лажички сол околу во брашното (не директно во квасецот за да не се “пресече”), па додадете две цели јајца и една белка, а жолчката сочувајте ја на страна (подоцна ќе ја употребите за премачкување на печивата).

За да не се исуши жолчката додека се приготвуваат печивата, најдобро е веднаш во неа да се додадат лажица млеко и лажица масло. Изматете добро за да се соединат во еднолична смеса, па покријте го садот со проѕирна фолија и тргнете на страна до употреба.

Во квасецот со брашното додадете и четири супени лажици масло за готвење и започнете постепено да ја додавате мешавината од млеко и вода додека мешате со лажица (течноста можете да ја приготвите и само од млеко или само од вода, или комбинација од јогурт, млеко и вода, по ваша желба).

Најпрво мешајте со лажица додека можете, за да се изедначат состојките и да нема грутчиња од брашното. На овој начин е полесно и подобро се соединува тестото кога малку е потечно и помеко. Потоа додадете го остатокот од тестото и продолжете со мешање.

Добро измесете го со рака, па кога ќе се формира како топка и ќе започне да се одвојува од ѕидовите, истресете го на работна површина и уште малку изработете го за да стане еластично и мазно. Не додавајте премногу брашно за да остане тестото меко.

Формираната топка од тесто премачкајте ја малку со масло, па вратете ја во садот каде се месеше. Тестото покријте го со кеса или проѕирна фолија па оставете го на топло место да стасува околу 40-50 минути додека да го удвои својот волумен.

Додека стасува тестото вие пригответе го филот: Кромидот исчистете го и исечкајте го ситно, па запржете го во малку загреано масло додека да омекне и застакли. Потоа додадете го меленото месо и промешајте за да се изедначи со кромидот и продолжете уште малку со динстањето.

Кога месото ќе ја промени бојата и ќе испарат соковите кои ќе ги успушти, додадете ги зачините по вкус: една лажица сув зачин, црн мелен пипер, малку црвена зачинска пиперка во прав или малку доматен сок, сечкано лукче или во прав, малку оригано или нешто по свој вкус.

Испрженото мелено месо оставете го на страна за да се олади, а потоа во него додадете рендана моцарела или рендан кашкавал по ваш избор, па промешајте. Стасаното тесто истресете го врз малку набрашнета работна површина и формирајте го во валјак.

Тестото поделете го 16-20 еднакви делови, во зависност од тоа колкави сакате да ги правите ѓевречињата по големина. Секое парче тесто формирајте го во топче. Кога ќе го завршите формирањето на топчињата, намастете ја работната површина со малку масло.

Исто така, секое топче што ќе го развлекувате треба да се намасти со малку масло одозгора. Потоа со прстите малку развлечете го во круг, да добиете тенка кора со големина на чинија. На едниот крај нанесете фил од мелено месо и рендана моцарела (или кашкавал).

Внимателно започнете со виткањето на ролничката, а краевите малку притиснете ги за да се залепи тестото за да не излегува филот. Доколку сакате краевите истенчете ги како врвка, но доколку не сакате, не мора овој чекор да го правите. Овие краеви едноставно превиткајте ги околу дебелиот дел за да добиете форма на ѓеврече.

На овој начин се добива поголема декоративност на ѓевречињата. Доколку немате многу време, секако нема потреба од толку развлекување и виткање, па како и да ги свиткате печивата, ќе излезат убави и вкусни. Може да ги оставите и исправени, како мини ролатчиња.

Приготвените печива оставете ги плех или тепсија претходно обложена со хартија за печење, покријте ги и оставете ги да одморат 15-тина минути. Потоа премачкјате ги одозгора со разматената жолчка (со млеко и масло) и наросете ги со сусам или семе по ваша желба.

Ставете ги да се печат во рерна која се загревала 15 минути на 220 степени и печете ги околу 20 минути или додека убаво да заруменат, во зависност од рерната. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.