Ако барате некој рецепт со кој ќе приготвите брз појадок, на вистинското место сте. Ова се брзи и едноставни уштипци кои совршено одговараат во солена или слатка варијанта. Ако не сте ги правеле досега, не чекајте и направете ги, ќе ве воодушеви нивниот вкус.

Потребни состојки: 500 г брашно, 1 прашок за печиво, 1 прстофат сол, 2 јајца, 200 мл јогурт или кисела павлака, малку масло и уште масло за пржење.

Постапка: Замесете го тестото од наведените состојки. Во подлабок сад изматете ги јајцата со прстофат сол, додајте јогурт, малку масло колку половина мало филџанче, па постепено додавајте го брашното помешано со прашокот за печиво и убаво соединете го.

Добиеното тесто развлечете го во правоаголна кора, па исечете го на ромбови, коцки или правоаголници. Ромбовите се најинтересни.

Пржете ги во врело масло од двете страни додека да добијат златножолта боја. Можете топли да ги послужите со солено (сирење, пршута, намаз, ајвар…) или со слатко (нутела, џем или шеќер). / Тамара / Сооlinarika.com

СВЕКРВИНИ ПЕКСИМЕТИ -УШТИПЦИ

Овој рецепт го добив од свекрва ми и верувајте, одлични се! Меки, вкусни и не впиваат воопшто маснотија – Сања.

Потребни состојки: 1 кг меко брашно, 400 г полномасна кисела павлака, 3 јајца, по потреба топло млеко, 2-3 мали лажички сол, 40 г свеж квасец, малку шеќер, 300-400 мл масло за пржење

Постапка: во голем сад издробете го квасецот, малку брашно, лажичка шеќер, малку топло млеко, па промешајте да се растворат состојките и оставете 10-тина минути за да се активира квасецот и да запени. Потоа додајте ги останатите состојки и замесете убаво тесто со топлото млеко (млеко се додава по потреба).

Тестото треба да биде малку потврдо, да не е меко, па покријте го и оставете го еден час да стасува додека да ја удвои величината. Кога убаво ќе нарасне тестото, премесете го со малку брашно, па развлечете го кора со дебелина од 5 мм.

Потоа сечете ја кората на квадрати (или други форми по ваш избор) и оставете повторно тестото да стасува околу 20 минути. Во тава загрејте го маслото, па намалете ја температурата. Спуштајте ги пексиметите прво да се пече горната страна, а потоа и долната.

Пржете ги додека да добијат убава златна боја, па вадете ги во чинија обложена со хартиена салфетка за да се впие вишокот маснотија. / Сања / Сооlinarika.com

Најдобриот рецепт за брзи јогуртни уштипци готови за 10 минути

Фотографија и испробан рецепт на Јадранка Јурчевиќ. Овие уштипци се приготвуваат многу брзо, не ги чекате да нараснат, нема квасец. Од оваа мерка излегуваат баш доста. Евтини се а боговски вкусни, нас дома сите не воодушевија. Преубави, златни, воздушести, шупливи уштипци кои се прават за 10 минути.

Јогуртни пишии за 10 минути: меки, шупливи, превкусни, евтини а излегуваат многу. Еден од најдобрите рецепти за брзи пишии кои можете да ги приготвите за појадок или вечера.

Се прават без квасец, па нема потреба од чекање тестото да стасува. Навистина, ова е еден рецепт за брз и вкусен оброк. Ќе ви бидат потребни само неколку состојки и околу 10 минути за да ги приготвите овие феноменални брзи јогурни пишии. Вкусни, мирисни, меки како душа, шупливи…

Потребни состојки: 250 мл јогурт, 1 јајце со средна величина, ½ кесичка прашок за печиво, 1-1,5 лажичка сол, по вкус, 450-500 г брашно и масло за пржење

Постапка: Во еден сад ставете 250 мл јогурт, едно јајце со средна величина и изматете со жица за матење додека да се соединат. Во смесата додадете половина кесичка прашок за печиво, промешајте, па додадете сол по вкус, приближно 1-1,5 лажичка.

Додека мешате постепено започнете да го додавате брашното. Ќе ви биде потребно околу 450-500 грама брашно или по потреба (во зависност од тоа колку брашното впива влажност), додека да добиете меко и еластично тесто кое не се лепи за раце.

Тестото истресете го врз убаво набрашнета работна површина, малку премесете го, формирајте топка, наросете го озгора за да не се лепи, па со оклагија развлечете кора.

Исечете ја кората на коцки, правоаголници или триаголници, правете ги облиците по ваш избор. Парчињата тесто спуштајте ги во добро загреано масло и веднаш намалете ја температурата на умерена.

Пржете ги од двете страни додека да дбијат златнорумена боја. Редете ги во чинија обложена со хартиена салветка и можете веднаш да ги послужите додека се топли.

Некои ги нарекуваат пишии, некои уштипци, но тоа навистина не е важно. Она што е најважно е дека рецептот повеќепати е проверен и секогаш е успешен, па може да го приготват и помалку искусните во кујна. Со овој рецепт добивате брз и многу вкусен оброк.