Никогаш порано не сум ги правела овие колачи, секогаш ги купував. Баба ми ги правеше со специјална модла која ја инсталираше на едно апаратче. Додека се печеа цела куќа мирисаше убаво а јас бев нестрплива и често ги јадев и пред да се оладат.
Но, откако дознав за овој лесен рецепт и јас многу често ги правам, првенствено затоа што тестото се замесува со лажица, за само 10 минути. Нема потреба од некои посебни вештини, само потребно е да имате едно чисто пластично шише. Еве кои други состојки ви се потребни:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 120 г омекнат путер на собна температура, 75 мл масло за готвење, 160 г шеќер, 2 јајца на собна температура, 1 кесичка прашок за печиво (10 г), 1 кесичка ванилин шеќер (5-10 г), 390 г сенаменско брашно +- И УШТЕ: 150 г млечно чоколадо и мелени јатки за декорација
ПОСТАПКА: Најпрво пригответе го шишето. На капачето нацртајте петокрака или шестокрака ѕвезда, а потоа внимателно со cкалпел исечете ја фигурата, па на тој начин добивате модла, а тестото кое ќе го истиснувате преку капачето ќе ја има таа шара.
Откако ќе го направите тестото потребно е истото да го „пикнете“ внатре што одзема малку време, но истиснувањето преку шише е полесно за ракување. Втор и полесен начин е доколку го исечете делот на кој се затвора капачето, а преку него протнете кеса која ќе ја наполните со тестото, а ќе ја фиксирате кога ќе го затворите капачето. На вам останува одлуката за кој метод ќе се одлучите.
Подготвка на тестото: во еден подлабок сад ставете го омекнатиот путер, претходно исечен на помали коцки и отстојан на собна температура, па додајте го шеќерот и добро измешајте со лажица или шпатула додека да дојде до изедначување. Ако ви е полесно користете миксер.
Во смесата додајте две јајца отстојани на собна температура и масло, па повторно промешајте додека да дојде до изедначување на состојките. Додајте ванилин шеќер, прашок за печиво, промешајте, па додајте половина од вкупната количина на брашното. Остатокот додавајте го постепено, бидејќи количината може да варира, што зависи од големината на јајцата.
Мешајте постојано додека да добиете хомогена смеса без грутчиња. На крај треба да добиете меко тесто, влажно, но кога ќе го доприте со прстите тоа да не се лепи. тестото нема потреба да се меси со рака, може цело време да се меша со лажица иако е густо. Откако ќе го формирате тестото, потребно е да го складирате во шишето (на неколку наврати).
Плехот обложете го со хартија за печење, па истиснувајте го тестото преку шишето во долги колачи колку еден прст. Оставајте простор помеѓу нив затоа што во текот на печењето тие ќе пораснат. Загрејте ја рерната на 180 степени, па ставете ги да се печат 10-15 минути. не треба да потемнат, туку колачите остануваат светли.
Печените колачи оставете ги да се оладат. Растопете го чоколадото, па секое колаче натопувајте го до половина во чоколадото и редете го врз хартија. одозгора наросете мелени јатки (фстаци, ореви…). Деталите од постапката погледнете ги во видеото ОВДЕ.