Сочен колач со јаболка и мелен рогач кој брзо се прави, а вкусот е неверојатен. Рецептот е лесен и едноставен, а се мери со една иста шолја.
Се приготвува и со покрупно мелен рогач, но уште подобро излегува ако најдете фино сомелен рогач (може да се најде во продавници за здрава храна или поголемите маркети).
Потребни состојки: 4 јајца, ½ шолја шеќер (100 г), ½ шолја млеко (100 мл), ½ шолја масло (100 мл), 1 шолја брашно (130 г), 2/3 шолја мелен рогач (100 г) – просејте го да нема грутчиња, 2 ванилин шеќер, 1 прашок за печиво, 3 големи јаболка.
За глазура (кој сака може да стави, но не мора), 150 г чоколадо за готвење и 6 лажици масло.
Постапка: веднаш вклучете ја рерната да се загрева на 180 степени, бидејќи колачот навистина брзо се приготвува. Изматете ги јајцата со шеќерот и ванилин шеќерот додека тој да се растопи а смесата да згусне и да побели.
Додавајте постепено додека матите со намалена брзина: млеко, масло, брашно, прашок за печиво и рогач, па убаво соединете ја смесата да се изедначи.
Јаболката измијте ги, излупете ги и изрендајте ги. Додајте ги во смесата и измешајте ја смесата со лажица. Потоа излејте ја во тепсија со димензии 20х30 см, рамномерно распоредете и израмнете. Јас имам тепсија што не лепи, па не ја мачкам со ништо.
Доколку би ја немала, би печела во тепсија обложена со хартија или претходно намастена и наросена со брашно.
Колачот се пече околу 30 минути на 180 степени, но најдобро е да се провери со чепкалка кога е готов. Врз изладениот колач може да се прелие чоколадна глазура.
На пареа се растопува чоколадото за готвење и се додаваат 6 лажици масло. Кога малку ќе подизлади се прелива врз колачот и се остава целосно да се стегне пред сечењето. Прочитајте го и вториот рецепт:
Втор рецепт за посен колач кој е многу сочен и вкусен, со јаболка и гриз, многу брз и лесен. Рецепт и видео презентација на CooKing – Најсочниот посен колач.
Многу вкусен, сочен и неодолив колач со јаболка и гриз. Не е “тежок”, напротив, многу е лесен за јадење, се топи во уста и мириса преубаво.
Се мери со шолја од 200 мл. За да го приготвите овој колач ќе ви бидат потребни следниве состојки:
3 шолји рендани јаболка, 1 шолја гриз, ½ шолја шеќер (а може и помалку ако се благи јаболката, по вкус), 10 г ванилин шеќер (една кесичка), ½ шолја масло, ½ шолја вода, 1 лажичка прашок за печиво или сода бикарбона, цимет во прав.
За глазура ќе ви бидат потребни следниве состојки: 100 г посно чоколадо, 3 лажици масло, лебни трошки за наросување во тепсијата или брашно.
Постапка: јаболката убаво измијте ги, излупете ги, а потоа изрендајте ги. Во подлабок сад ставете една шолја гриз, три шолји рендани јаболка, половина шолја шеќер, една кесичка ванилин шеќер, една лажичка прашок за печиво или сода бикарбона и цимет по вкус.
Уште додадете половина шолја вода и половина шолја масло. Состојките убаво измиксајте ги со миксер додека да се изедначат во убава речиси мазна смеса.
Калапот со пречник од 24 см намастете го со малку масло и наросете го со лебни трошки или брашно. Вишокот истресете го.
Потоа рамномерно распоредете ја приготвената смеса и убаво израмнете ја одозгора. Ставете да се пече во претходно загреана рерна на 200 степени околу 40 минути.
Проверете со чепкалка дали е готов колачот. Печениот колач оставете го малку да подизлади додека ја приготвувате глазурата.
За да ја приготвите глазурата ќе ви биде потребно 100 г посно чоколадо за готвење искршено на коцки и три лажици масло.
Садот со чоколадото можете да го згреете во микробранова печка или на рингла на тивок оган, но најдобро е да го растопите на пареа.
Садот ставете го врз тенџере во кое врие вода, па мешајте додека чоколадото целосно да се растопи и соедини со маслото во сјајба течна глазура.
Излејте ја рамномерно врз колачот и оставете да се стегне. Потоа сечете и послужете. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ. Прочитајте го и третиот рецепт:
Рецепт три за колач толку сочен што се топи во уста – Гриз колач со јаболка и ореви, прелиен со свиленкаст чоколаден прелив – Рецепт и видео прилог на CooKing рецепти
Сочен гриз колач – Сочен гриз колач со јаболка и ореви, прелиен со прекрасен чоколаден прелив.
Се мери со шолја од 250 мл. За да го приготвите овој колач ќе ви бидат потребни следните состојки:
2 јајца, ½ – 1 шолја (од 250 мл) шеќер или по вкус, 1 шолја (околу 240 г) гриз, 5 г прашок за печиво или сода бикарбона, 3-4 јаболка (околу 650 г), 1 шолја крупно мелени ореви (околу 150 г), 10 г ванилин шеќер (1 кесичка), 1 лажичка цимет, 4 лажички какао (7-10 г), ½ шолја масло (125 мл), 1 шолја (250 мл) јогурт.
За прелив: 1 шолја (250 мл) млеко, 100 г чоколадо, ½ шолја шеќер, може и помалку, 50 г путер или маргарин и 3 лажички какао.
Постапка: Оревите сомелете ги и помешајте ги со една шолја гриз. Во сувата мешавина додајте 1 лажичка прашок за печиво и 4 лажички какао во прав.
Промешајте. Пенасто изматете две јајца со половина или цела шолја шеќер (по ваш вкус), додека да згуснат и побелат.
Додека матите со миксерот додајте половина шолја масло, па една шолја јогурт и на крај намалете ја брзоната и додадете ги сувите состојки.
Изедначете. Јаболката излупете ги, изрендајте ги, додајте една лажичка цимет и една кесичка ванилин шеќер.
Јаболката додајте ги во изматената смеса и промешајте за да се соединат. Калап со средна величина намастете го и набрашнете го, па во него излејте ја приготвената смеса.
Ставете да се пече во загрена рерна на 200 степени околу 40 минути. Проверете со чепкалка.
За прелив: во тенџере ставете 250 мл млеко, 100 г чоколадо, 50 г путер, 3 лажички какао и половина шеќер или по вкус. Откако ќе проврие варете уште една минута на тивок оган со постојано мешање.
Потоа оставете ја глазурата 2-3 минути да подизлади. Бисквитот избоцкајте го на повеќе места и додека е врел прелијте го со топлиот чоколаден прелив.
Почекајте 5 минути па исечете го на коцки. Оставете да излади, па послужете го. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.
Рецепт четири за вкусна и лесна торта со јаболка – Мора да пробате: колачот е толку сочен, толку вкусен, што немам зборови за да го опишам. Рецепт и видео прилог на Мои Домашни Рецепти – Вкусна торта со јаболка.
Мора да го пробате овој рецепт, лесно се приготвува, можат и почетници да ја направат оваа торта.
Потребни состојки: 4 јајца, 1 ванилин шеќер, 100 г шеќер, 200 мл масло, 200 мл млеко, 2 јаболка, 200 г брашно, 15 г прашок за печиво, 1 лажичка цимет, плех 20х30 см.
За глазура: 300 мл слатка павлака или млеко, 2 супени лажици какао, 1 лажичка цимет, 2 лажици шеќер.
Постапка: во подлабок сад пенасто изматете ги јајцата со шеќерот и ванилата. Матете додека тие да се згуснат, а шеќерот да се растопи.
Потоа, додека постојано матите со миксерот, додајте го маслото, па млекото. Во смесата додајте две изрендани јаболка, брашното, прашокот за печиво и една лажичка цимет.
Убаво со жица промешајте за да се изедначи смесата. Плехот со димензии 20х30 см добро намастете го, па во него излејте ја смесата и израмнете.
Ставете да се пече во загреана рерна на 200 степени околу 35 минути. Печениот колач оставете го да излади, па подгответе ја глазурата.
За глазура: загрејте ја слатката павлака или млекото заедно со 2 лажици какао во прав, лажичка цимет и 2 лажици шеќер. Штом зоврие тргнете ја глазурата од оган и оставете 5 минути да одмори.
За тоа време исечете го колачот на коцки, па прелијте го со чоколадната глазура. Оставете да се олади, па послужете го. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.