Направете го овој вкусен колач за кој ви се потребни само четири состојки. Колачот е толку многу вкусен и за многумина е омилен. Не се чувствува желатинозен вкус, бидејќи се користи агар агар (растителен желатин). Има кремаста текстура, а при пресек на парчињата колачот изледа доста декоративно.
Може да го подготвите на два начина. Првиот начин е да го направите со две смеси, црна и бела, а ако немате бело чоколадо, може да го направите целиот да биде чоколаден. Сѐ што треба да направите е да ги измешате состојките и да ги прелиете во калап. Потоа колачот се остава да се олади. Еве што ви е потребно за првата верзија од колач со бела и црна смеса:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА БЕЛИОТ ДЕЛ: 250 мл млеко, 40 г шеќер, 3 грама агар агар во прав, 50 г бело чоколадо. ЗА ЧОКОЛАДНИОТ СЛОЈ: 500 мл млеко, 80 г шеќер, 7 г агар агар во прав, 150 г темно чоколадо. Големина на калапот 20×9×7 см. Ќе ви бидат потребни два калапи со оваа или слична големина.
ПОСТАПКА: Најпрво подгответе го белиот дел за колачот кој се става на средина. Во едно тенџере со средна големина истурете 250 мл млеко, па додајте го агар агарот и шеќерот. Измешајте ги состојките со жица/маталка додека агар агарот и шеќерот да се растворат во млекото, па потоа ставете го тенџерето на рингла.
Ринглата треба да ви биде вклучена на средна температура. Со константно мешање гответе додека млекото да зоврие, па потоа течноста малку ќе се згусне после 1-2 минути, па тогаш тргнете го тенџерето од рингла и веднаш додајте го белото чоколадо, скршено на коцки, додека млекото е уште врело.
Мешајте додека чоколадото да се растопи, па излејте ја смесата во калапот со димензиите кои се напишани погоре. Добро израмнете и ставете во фрижидер, додека белата маса целосно да се стегне и да стане желатинозна. Во меѓувреме подгответе го чоколадниот дел.
ЗА ЧОКОЛАДНИОТ ДЕЛ: 500 мл млеко се става во тенџере, се додава шеќерот и агар агарот. Се става на рингла и се готви на средна температура, како првиот дел. Кога млекото ќе зоврие, колачот се трга од рингла и се додава темното чоколадо.
Во калап со иста димензија како оној во кој ја излеавте белата смеса, излејте нешто помалку од половина од чоколадниот дел. Доколку немате втор ист калап, извадете ја белата желатинозна смеса, ставете ја на чинија и чувајте ја во фрижидер, додека чоколадниот дел да се стегне околу 10-тина минути.
Потоа, излејте уште малку од чоколадниот дел до половина во калапот, па одозгора ставете ја белата смеса, па врз неа излејте ја втората половина од чоколадната смеса. Ставете го колачот во фрижидер да се стегне неколку часа, а потоа послужете со сечење на правоаголници.
Овој колач наместо со шеќер може да го подготвите и со нутела или некој друг чоколаден крем. Или наместо со две смеси, може да го направите и само чоколаден и во кружен калап, доколку немате правоаголен. Постапката е идентична, со зовривање, само доколку користите нутела, во тој случај не додавате чоколадо по зовривање на млекото.
За вториот рецепт ќе ви бидат потребни следниве состојки. ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 600 мл млеко, 380 г нутела, 10 г агар агар. Постапката е идентична како за првиот рецепт, само што колачот мора добро да се олади пред послужување. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ, а за вториот рецепт ОВДЕ.