Ако немате многу време, а сепак ги сакате деликатните вкусови, тогаш пригответе го овој многу едноставен колач со мандарини, кој освен што има одличен вкус, исто така, самиот по себе е многу декоративен.
Вие треба само да ги излупите мандарините и да ги наредите, а потоа да ги прелиете со изматената смеса и да го испечете. Подготвивме две варијанти за подготовка на овој колач, а и двете постапки се многу брзи, пишува НМД. Еве што ви е потребно:
РЕЦЕПТ 1 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 8 мандарини + 1 мандарина (сок и кора), 2 јајца, 1 прстофат сол, 100 г шеќер, 150 мл масло, 160 мл вода, 15 г прашок за печиво (1.5 кесичка), 220 г сенаменско брашно (за колачи), шеќер во прав за декорација
РЕЦЕПТ 1 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 3-4 мандарини (пресечени на половина, да го покријат дното на калапот), 2 јајца, 120 г шеќер, 1 кесичка ванилин шеќер, 80 мл масло, 120 г остро брашно, 1 кесичка прашок за печиво (10 г)
ПОСТАПКА за рецепт 1: Во длабок сад за матење скршете ги јајцата, додајте го шеќерот и прстофат сол, па пенасто изматете ги неколку минути додека шеќерот целосно да се растопи, а смесата да згусне и побели.
Кога јајцата ќе згуснат, додајте сок и ситно рендана кора од мандарина додека непрекинато матите со миксерот. На ист начи додајте го сончогледовото масло, а потоа и водата, па продолжете да матите со намалена брзина на миксерот.
Најпосле додајте го брашното помешано со прашокот за печиво, најдобро просеано низ сито. Изматете со бавна брзина на миксерот сè додека да се соединат состојките во изедначена, хомогена и мазна полутечна смеса која нема грутчиња од брашното.
Најпосле, излупете ги мандарините и пресечете ги на половина. Калапот во кој ќе печете колачот треба да биде со средна величина и да е намастен и набрашнет на дното и страните, или обложен со хартија за печење. Наредете ги мандарините со пресечената страна надолу и одозгора прелијте ги со подготвеното тесто.
Распоредете рамномерно, малку протресете и ставете да се пече во претходно загреана рерна на 180 степени, 40 минути. Печениот колач оставете да се подизлади, а потоа превртете го врз десертна чинија, сечете го и послужете го. По желба одозгора наросете шеќер во прав. Ако имате помал калап за помала количина, тогаш следете ја постапката за вториот рецепт:
ПОСТАПКА за рецепт 2: Во јајцата додајте ги шеќерот и ванилата, па пенасто изматете ги. Додајте го маслото, промешајте, па додајте го брашното помешано со прашокот за печиво. Мандирините излупете ги и пресечете ги на половина.
Калапот намастете го со маргарин и набрашнете го или обложете го со хартија за печење. Половинките наредете ги на дното со пресечената страна надолу, па прелијте ги со смесата. Ставете да се пече во загреана рерна на 180 степени, па проверете со чепкалка кога е готов. Кога ќе се олади превртете го и наросете го со шеќер во прав. Деталите од рецепт 1 погледнете ги ОВДЕ. Деталите од рецепт 2 погледнете ги ОВДЕ.