Ова е еден од најубавите и најбрзите десерти кои некогаш може да ги направите. Целата подготовка одзема околу 10-тина минути, а ако сте вешти, тогаш смесата ќе ја спремите и за 5 минути. Колачот е посен, но многу е вкусен, па треба да си го имате во предвид, за посните денови, кои ни се наближуваат.




Една моја пријателка кога го проба колачот ми рече: „Многу е вкусен, што и да кажам малку е.“ Колачот е многу сочен и мек и при секој гриз се чувствува онаа мокра конзистентност. Особено е многу убав, доколку го подготвувате со домашен џем, по ваш вкус, оној кој ви е омилен. Еве што ви е потребно за да го направите:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1,5 чаша газирана вода, 1/2 чаша масло, 1 чаша шеќер, 1 кесичка ванилин шеќер, 450 г брашно, 1 кесичка прашок за печиво, 2 лажички какао во прав, џем по избор (4-5 лажици), вишни по избор. Како мерка се користи 1 чаша од 200 мл.




ПОСТАПКА: Во еден подлабок сад истурете 1,5 чаша газирана вода. Додајте половина чаша од маслото и малку промешајте со жица или маталка. Потоа додајте 1 чаша шеќер, заедно со 1 кесичка ванилин шеќер и фино промешајте додека малку да се соединат состојките.




Потоа, постепено започнете да го додавате брашното, на два или три наврати. Енергично измешајте ја смесата додека да добиете мазна структура која нема грутчиња. Смесата треба да има погуста конзистентност од онаа за палачинки.




При крајот, додајте го прашокот за печиво и фино соединете го во останатите состојки. Поделете ја смесата на два еднакви делови. Едниот дел (белиот) зачувајте го таков каков што е, а во преостанатата половина додајте 2 лажички какао и 3 лажици џем по ваш избор.




Соединете ги состојките во еднолична смеса, додека да стане чоколадна. Може да користите џем по избор, оној кој ви е омилен. Подгответе 2 помали калапчиња или 1 поголем и дното обложете го со хартија за печење. Со помош на 1 мала кутлача подготвувајте го колачот, така што прво ќе преливате по еднаш од белата смеса, а на средина ќе ставате од чоколадната смеса.




Колачот излегува навистина голем, така што подобро е да подготвувате во два различни калапи. Како што ги редите слоевите едно врз друго, без да размачкувате, бидејќи самата смеса ќе се разлее низ калапот, кога ќе потрошите половина од двете смеси, наредете неколку вишни по избор, па продолжете со додавање, додека да ги потрошите смесите.




Во меѓувреме додајте уште еднаш или двапати во вишните, да има на повеќе слоеви. Важно е на крајот, колачот да го прекриете со течните смеси, а одозгора повторно може да наредите неколку вишни. Вклучете ја рерната да се загрее на 180 степени и колачот печете го околу 55 минути, во зависност од јачината на рерната.

По печењето, колачот се остава малку да се олади, а кога ќе биде топол (не врел), одозгора се премачкува со малку џем, со помош на кујнска четкичка, за убаво да се впие во кората. Потоа колачот послужете го со шолја кафе, исечен по желба. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.