Рецепт и видео презентација на Кристална Кујна. Доколку имате дома малку јајца, сирење и млеко направете го овој брз и едноставен ручек за целата фамилија. Ова е ручек кој кога ќе го пробате, веднаш ќе посакате репете. Не може да го промашите, а се подготвува многу брзо и лесно.
Подгответе ги овие превкусни тестенини со сирење и бешамел сос, а рецептот е многу едноставен. Доколку денес немавте време да подготвите ручек, набрзина подгответе ги овие тестенини. Кај нас дома овој ручек е омилен и сите го обожаваат.
Потребни состојки: 1 пакетче тестенини (по ваш избор), 5 јајца, 1 литар млеко, 200 г сирење, 75 г путер, прстофат сол. За бешамел сосот: 75 г путер, 500 мл млеко, 2 лажици просеано брашно.
Подготовка: Најпрво сварете ги тестенините во солена вода. Количината на тестенините зависи од вас колку тестенини ви е потребно за сите членови од семејството. Не заборавајте тестенините да ги зготвите ал денте, односно по времето напишано на пакувањето.
Ал денте подготвените тестенини ја имаат идеалната конзистентност која се постигнува со кратко време на готвење. Иако тестенините ви изгледаат малку тврди, тие ќе продолжат да се готват во рерната заедно со бешамел сосот.
Кога ќе ги сварите тестенините, процедете ги и ставете ги на страна. Потоа во сад изматете 5 јајца. Во овој рецепт користев 6 јајца, бидејќи беа многу мали. Изматете ги јајцата со маталка, а потоа со виљушка изгмечете го сирењето и додадете го во матените јајца. Повторно измешајте.
Доколку вашето сирење е несолено, може да додадете малку сол во смесата. Јас користев фета сирење, а добро е познато дека ова сирење изобилува со многу сол, така што немав потреба дополнително да додадам.
Додадете 1 литар млеко и повторно измешајте ја смесата. За подготовка на бешамел сосот, потребно е да го исечете путерот на неколку парчиња и да го растопите во тенџере на средна температура. Путерот има висока точка на горење, па затоа е потребно да го подготвувате на што пониска температура.
Кога путерот ќе се растопи, во него додадете 2 лажици просеано брашно. Брашното треба да биде просеано, за да се направи погуста смеса, а бешамел сосот да излезе одличен. Малку промешајте и додадете го млекото. Продолжете со постојано мешање на смесата, додека не добиете густ сос.
Во тава или тепсија ставете ги макароните и еднакво распоредете ги низ површината. Врз нив полијте со течноста од млеко и јајце и почекате малку макароните да впијат од течноста.
Во меѓувреме исечете неколку парчиња путер, а потоа додадете го бешамел сосот врз макароните. Распоредете еднакво на сите страни и наредете ги парчињата путер врз смесата. Доколку сте љубител на кашкавал или сувомеснато, можете да наросите рендан кашкавал одозгора или да ставите малку сувомеснато месо по ваш избор.
Во претходно загреана рерна на 200 степени, печете ги макароните околу 30 минути. По 30 минути тие се уште ќе имаат малку течност од млекото и јајцата, а доколку сакате да бидат уште малку попечени оставете ги да се готват уште некое време во рерната.
По изминатото време ќе добиете превкусен и сочен ручек во кој ќе уживате со целата фамилија. Деталите од целата постапка погледнете ги во видеото ОВДЕ. Текстот за НМД.мк го напиша Мартина Христовска.
II РЕЦЕПТ – Без варење, макарони од рерна – брз и вкусен ручек или вечера. Рецепт и видео презентација на Гала Храна (Gala Food) – Маракони од рерна без варење.
Кога немате време во кујна да сечкате и со часови да стоите врз јадењето, овој рецепт секогаш можете да го употребите за да приготвите брзо и вкусно јадење.
Потребни состојки: 3 јајца, 25 мл масло, 1 лажичка сол, 1 литар минерална вода, 200 г ситно сирење (тврдо бело), 350 г макарони.
Постапка: Во подлабок сад изматете 3 јајца со маталка, па додадете еден мал филџан за кафе масло, посолете со лажичка сол и додадете 1 литар газирана/минерална вода. Промешајте за да се изедначат состојките, па додадете 200 г издробено сирење. Промешајте со маталката и изедначете ја смесата.
Макароните истурете ги во плех со димензии 22х32 цм и рамномерно распоредете ги. Прелијте ги со претходно приготвената смеса. Покријте ги со фолија и ставете ги во загреана рерна на 220 степени и печете ги околу 40 минути. Запечените макарони наросете ги одозгора со 50 г рендан кашкавал и вратете ги во рерната да се запечат уште 15 минути без фолија. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.