Многу ги сакам едноставните колачи кои се прават од малку состојки. Покрај тоа што го скратуваат времето на готвење, и на вкус се многу повкусни од било кои покомплицирани рецепти. Имам пробано милион колачи и обожавам да ги подготвам, но секогаш сум се навраќала на овој безвременски рецепт кој се подготвува за 10-тина минути.
Интересно е што кремот се излева како за мраморниот колач кој се пече. Овој колач се подготвува со биксвити и не се вклучува рерната за него, а кога ќе се пресече изгледа многу декоративно. Може да го послужите со шолја кафе, а за него сите ќе ви побараат минимум уште едно парче. Моите пријателки ми го бараат само овој рецепт со млечен вкус. Еве што ви е потребно за да го подготвите:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ПРВ РЕЦЕПТ): 1 литар млеко (1000 мл), половина пакување бисквити (12 бисквити), 1 чаша шеќер (160 г), 4 лажици пченично брашно (55 г), 3 лажици пченкарен скроб (30 г), 60 г темно чоколадо, 1 лажица путер (40 г).
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ВТОР РЕЦЕПТ): 18 бисквити (или повеќе) + млеко за натопување, 500 мл слатка павлака за шлаг, 2 пудинзи од ванила кои не се варат, 5 лажици шеќер и 2 ванилин шеќер. Колачот се приготвува во плех со димензии 21х36 см.
ПОСТАПКА ЗА ПРВИОТ РЕЦЕПТ: На една рамна чинија ставете калап (обрач) кој се прилагодува според големината. Може да користите кружен или квадратен обрач, во квадратен е полесно да се редат бисквитите. Калапот го прилагодувам според големина на една поголема чинија и за оваа величина ми се потребни половина пакување биксвити, вкупно 12.
Во калапот наредете ги бисквитите една до друга, значи во еден ред се ставаат по 4 бисквити, во 3 редови. Бисквитите не треба да се натопуваат претходно во млеко. Во едно тенџере подгответе го кремот за филување. Сипете еден литар млеко во тенџерето, па додајте го шеќерот, пченичното брашно и скробот.
Измешајте ги состојките со жица/маталка додека сувите состојки да се измешаат во млекото, па потоа ставете го тенџерето на рингла која треба да биде вклучена на ниска температура. Со повремено мешање соединувајте ги состојките и почекајте млекото да се загрее, па да зоврие.
По зовривање на млекото, започнете константно да го мешате кремот, кој треба да добие густина како пудинг. Гответе уште 2 минути на ринглата, па потоа тргнете од рингла. Додајте една коцка путер и повторно мешајте уште 1-2 минути додека путерот да се растопи во кремот.
Излејте половина од смесата во друг сад, додека е уште топла и во едната половина ставете го темното чоколадо. Мешајте додека чоколадото да се растопи и смесата да стане темна. Кога кремовите малку ќе се оладат започнете да ги излевате врз биксвитите. Излејте малку од белата смеса и без да распоредувате, на средина излејте ја чоколадната смеса.
Потоа на средина од чоколадната смеса излејте ја белата смеса и така сѐ додека да се потрошат двата кремови и кремовите да се разлеат низ целата површина на бисквитите. Не мешајте, туку на крајот кога ќе ги излеете двата кремови само израмнете ја површината со шпатула.
Обилно наросете го колачот со какао, па ставете го во фрижидер да се стегне околу 3-4 часа. Исечете парчиња според бисквитите кои се наредени на дното. Деталите од целата постапка за првиот рецепт може да ги погледнете во видеото ОВДЕ.
ПОСТАПКА ЗА ВТОРИОТ РЕЦЕПТ: Колачот се приготвува со пудинг кој не се готви, што значи дека не е ист со вообичаените пудинзи и внимавајте да не погрешите при купувањето. На амбалажата мора да пишува дека тоа е пудинг кој не се вари.
Една кесичка се приготвува со 300 мл млеко, па затоа ќе ви бидат потребни повеќе кесички пудинг доколку приготвувате поголема количина. Ваквиот пудинг можете да го купите во поголемите супермаркети, а постапката и објаснувањето за овој супер брз колач можете да ги погледнете во видеото.
На дното од плехот наредете бисквити претходно малку натопени во млеко. Во подлабок сад ставете ладна слатка павлака од фрижидер, додајте го прашокот од пудинзите кои не се варат, ставете 5 лажици шеќер и ванила. Убаво изматете со миксер околу 5 минути додека да се добие убав пенаст и пуфкаст крем.
Добиениот крем распоредете го рамномерно врз бисквитите и израмнете. Одозгора наросете рендано чоколадо, а потоа колачот оставете го во фрижидер да се лади најмалку 4 часа пред послужување. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.