Може да ги правите за ручек, ужина, вечера или како предјадење или прилог на главното јадење. Излегуваат навистина многу, јас првпат кога ги направив ги изедов сите сама, па требаше да правам втора тура за домашните.
Покрај тоа, доста заситуваат, а откога ги послужив на една домашна пригода, гостите не го ни пробаа главното јадење од што им беа вкусни. Брза и лесна постапка, а ќе ви бидат потребни следниве состојки:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 2 компири (околу 500 г), 1/2 лажичка сол или на двапати ставате прстофат, 1 мала лажичка црвен пипер, малку сечкана китка магдонос (околу половина), прстофат црн пипер, 2 големи лажици пченкарен скроб, 1 јајце, 1 голема лажица рендан пармезан или некој друг кашкавал, половина лажичка босилек и лебни трошки/презла.
ПОСТАПКА: Најпрво излупете ги компирите и отстранете им ги зелените делови или изртени (доколку има). Потоа исечете ги на коцки како за печење или како кога правите пире. Ставете ги во тенџере и прелијте ги со вода.
Тенџерето ставете го на рингла и варете ги компирите на средна температура додека да омекнат и да се сварат одвнатре. Може да ги проверувате со виљушка дали се омекнати во внатрешноста, за што ќе биде потребно околу 20 минути до половина час.
Кога ќе се сварат процедете ја водата од нив и префрлете ги во длабок сад. Изгмечете ги со виљушка додека да се направи пире без мали грутки. Зачинете со сол, црн и црвен пипер, додајте ситно сечкан магдонос (може да ставите во која количина сакате вие, зависи колку јадете).
Важно е магдоносот да биде ситно исечкан и целата смеса се соединува заедно. Потоа додајте 2 лажички пченкарен скроб за полесно да се згусне и со мешање формирајте тврдо тесто кое не се распаѓа. Тестото се дели на 5 делови кои не мора да бидат еднакви, мене некои ми се поголеми некои помали.
Без оклагија, секој дел се развлекува како пластелин во долг валјак со средна дебелина. На средина од секој валјак направете резови со запците на виљушката оставајќи половина прст помеѓу нив. Потоа на местото каде што има простор, се сечат со нож мали коцки кои имаат навистина необична форма.
Во посебен сад изматете едно јајце и посолете го со прстофат сол. Во друг сад ставете лебни трошки и изрендајте малку пармезан или некој друг кашкавал во нив. Измешајте до соединување на смесата и додајте малку босилек кој секогаш го нагласува преубавиот вкус на овие компирови крокети. Потоа секоја крокета посебно се става прво во јајцето, па во лебните трошки за похување.
Во тавче во кое претходно сте ставиле масло и сте го загреале (отприлика 1-2 прста), спуштајте ги крокетите во него едни до други. Може да ги пржите на средна температура додека да добијат златна боја од едната страна, па потоа се превртуваат на другата страна додека да се испржат.
Вадете ги во чинија со салфетка за да се впие вишокот маснотии. Послужете ги топли. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.