На многу едноставен и брз начин можете да приготвите вкусен десерт кој сите го обожаваат. По вкус и излед потсетуваат на крофнички, но многу полесно и побрзо се приготвуваат од нив и имаат цитрусна арома на портокал. Па, ако имате едно јајце, еден портокал и малку брашно, направете го овој десерт за 5 минути. Еве што друго ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 јајце, 2 супени лажици шеќер, 2 супени лажици масло за готвење, 1 прстофат сол, ситно рендана кора од еден портокал, 60 мл свежо исцеден сок од портокал (може и од тетрапак), 125 г цврст јогурт или кисела павлака, 280 г брашно + 6 г прашок за печиво (1/2 кесичка). За валање: шеќер + ванилин шеќер




ПОСТАПКА: портокалот добро измијте го со ладна вода и истријте го сода бикарбона, па исплакнете го пред да го изрендате на ситно ренде. Во подлабок сад скршете едно јајце, додајте две супени лажици шеќер, еден прстофат сол и ситно ренданата кора од портокал.




Со кујнска жица-маталка добро изматете додека да се соединат сите состојки, а шеќерот да се растопи. Во оваа смеса додајте две супени лажици масло, па повторно промешајте енергично за да се инкорпорира во смесата.




Потоа додајте 60 мл сок од портокал, па мешајте 1-2 минути додека смесата да се изедначи и малку да осветли. Потоа додајте го цврстиот јогурт или киселата павлака и продолжете го матењето со кујнската маталка.




Настрана измерете 280 г сенаменско брашно, помешајте го со половина кесичка прашок за печиво, па просејте го. Брашното започнете да го додавате постепено во смесата. прво додајте третина, убаво изедначете, а остатокот (или колку што ќе оцените дека е доволно) додавајте го малку по малку.




Најпосле треба да добиете хомогена, полутечна, густа и мазна смеса, која паѓа од лажицата во еден непрекинат пласт. Оваа смеса складирајте ја во готварски шприц, а во широко тенџере или тава ставете масло (мин 2 см длабочина) да се загрева на умерена температура.




Кујнските ножици натопете ги во топлото масло, па потоа истиснувајте долгнавести ленти во маслото и сечете ги со ножицата. Можете да ги правите помали или подолги по ваша желба. Кога ќе заруменат убаво од сите страни, вадете ги со решеткава лажица, па валајте ги во мешавина од шеќер и ванилин шеќер. Деталите погледнете ги ОВДЕ.