За оваа вкусна бајадера користев проверен рецепт според кој ја правам веќе со години. Направена на овој начин, домашната бајадера има префин вкус и совршена рамномерност меѓу сочноста и мекоста. Брзо и едноставно се приготвува, за само 25 минути, секако, ако не се смета и времето за ладење.
Смесата која е на база на бисквити и ореви ја правев со вода и маргарин за посна варијанта, а секако, може да се приготви и со млеко или путер. Но, посната бајадера има подолг рок на траење, а ќе им одговара и на оние кои сакаат да си ја приготват за својата посна слава.
Потребни состојки: 200 мл вода или млеко, 250 г маргарин или путер, 200 г шеќер, 1 ванилин шеќер, 400 г мелени бисквити, 300 г мелени ореви, 100 г чоколадо за готвење. За глазура: 150 г чоколадо за готвење и 6 лажици масло.
Посапка: Во тенџере на оган ставете ја водата, шеќерот, маргаринот исечен на помали парчиња и ванилин шеќерот. Сите состојки се загреваат на умерена темепратура за да се растопат и соединат. Потоа се трга на страна.
Во подлабок сад се ставаат мелените бисквити, мелените ореви и се мешаат. Во сувите состојки се прави мало вдлабнување во кое постепено се додава течната мешавина. Се меша додека да се добие изедначена смеса која потоа се дели на два еднакви делови.
Се крши чоколадото и на тивок оган се растопува. Потоа се додава во едниот дел од смесата и се меша додека да се соедини. Плех со димензии 35х20 малку намастете го со масло. На дното прво го нанесуваме темниот чоколаден слој кој добро се натапкува си раце и се израмнува.
Потоа се нанесува светлиот слој, па и тој исто така, рамномерно се распоредува врз црниот, се натапкува и измазнува одозгора. За глазура: Искршено чоколадо се става на тивок оган или се загрева на пареа да се растопи заедно со 6 лажици масло.
Потоа ја прелеваме рамномерно врз бајадерата. Се остава преку ноќ во фрижидер да се стегне пред сечењето и послужувањето. Се сече на правоаголници 4х2 см или по желба.