Ароматичното лепче наутлија, што традиционално се подготвува за празниците Рожденство и Успение на Пресвета Богородица, идеално се надоврзува со полните, богати и силни мириси и бои на доцното лето и раната есен.
Кога зборуваме за ретките подзаборавени вкусови на македонската, домашна трпеза, сосема неправедно би било да го заобиколиме лепчето наречено „Наутлија“, што традиционално се подготвува за Мала и за Голема Богородица во јужните краеви на Македонија, особено во струмичкиот и преспанскиот крај („преспански мајалник“), како и за Велигден.
Оние што ја познаваат македонската традиција, лепчето „Наутлија“ веројатно ги асоцира на колоната од жени во манастирите „Водоча“ и „Велјуса“ кои, носејќи грстови разнобојно цвеќе во црквата, ја носат и традиционалната погача подготвена од квас од наут.
Лепчињата се приготвуваат во разновидни форми, со умешни декорации, наросени со шеќер или сосема мазни и обични. Покрај прекрасната арома, овој леб има и неодолив единствен сладникав вкус, кој совршено се комбинира со сирење, но и со нешто слатко.
За Преображение, на пример, ова лепче традиционално се јаде со сирење и со грозје. Кој пробал, знае. Квасот започнува да се приготвува еден ден пред самиот празник. Секоја домаќинка сака да ја има оваа погача, ако има среќа да го направи квасот кој навидум е многу лесен, а потребно е навистина голема среќа да се успее.
На самиот празник се оди на црква, а после одржаната литургија секој од погачата раздава за здравје. Се верува дека онаа домаќинка која ќе однесе најубава и најголема Наутлија погача, која ќе може да се раздаде на што поголем број луѓе, ќе има најмногу здравје и бериќет во нејзината фамилија. Прочитајте го рецептот на Аница Рајчановска која детално и низ фотографии го опиша целиот процес за подготовка на ова лепче:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ И ПОСТАПКА: 100 г наут – непечени леблебии се толчат и се попаруваат со врела вода. Наутот/леблебиите мора да бидат сирови, односно непечени. Се додава малку шеќер и малку босилек и се прави смеса како кашичка. (*Во рецептот на Аница се доволни 100 г наут за се направи квасот, а во поновите рецепти за 1 кг брашно се користи 200-300 г наут и 300-400 мл топла вода за замесување на лебот).
Садот (бардачето) или тегличката со наут се остава во друг сад полн со брашно за да ја чува топлината, па се остава на топло убаво завиткано околу 10 часа. Затоа најубаво е ова да го направите одвечер. За да се добие квасот потребна е топлина, па затоа најчесто се приготвува летно време, а ако се прави зимно време, тогаш просторијата мора да биде постојано топла.
Откако ќе стаса како квасец, се става во брашното и се меси со топла/врела вода (се додава по потреба за да се добие средно меко тесто, како за леб). Се додава прстофат сол, се завиткува и повторно се остава на топло да стаса.
Откако ќе стаса/ферментира, се префрла во поголем сад со брашно 2-3 кг, колку сакате. Порано стававме 10 кг кога месевме во фурна. Повторно замесувате до врела вода ама го месите набрзина и не многу време како за леб, туку помалку, зошто не смее да олади.
Повторно се остава на топло околу 2-3 часа и се размесува во тепсии, па се остава повторно да стасува и да ферментира додека да го удвои волуменот. Просторијата треба да ви биде многу топла. Одозгора погачите се мачкаат со јајце и се наросуваат со сусам.
Малку потешко се прават, но затоа се превкусни, наследено од старите. Порано се верувало дека кога се замесува мајата не треба никој да знае, па ако ненадејно ви дошле гости и тие ве прашаат зошто толку ви е топло, вие им велите дека имате бебе, па тие индиректно знаеле дека ја месите погачата Наутлија.