Понекогаш во некои рецепти потребни се само белки или само жолчките, па ова се четири рецепти кои може да ви послужат како идеја како најдобро да ги искористите. На баба ми и беа фаворитни белиот комиспрот и грилијаш триаголниците, па така секогаш имаше два вида преубави колачи кога и доаѓаа гости.

РЕЦЕПТ 1 – КОМИСПРОТ. ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 6 белки, 200 г шеќер, 150 г брашно, 100 мл масло, 150 г микс од сечкани ореви, суви кајсии и суво грозје, малку рендана кора од лимон.




ПОСТАПКА: Изматете белки во цврст снег со постепено додавање на шеќер. Кога ќе добиете цврст снег додајте масло и изрендајте малку лимонова кора, па внимателно промешајте го и брашното. Не се става прашок за печиво.

Мешајте со лажица, полека, со превртување за да се сочува пенливоста на смесата. На крај додајте го миксот од ореви и суво овошје и убаво изедначете. Калапот за срнечки грб намастете го со путер и наросете го со брашно.




Распоредете ја во него приготвената смеса и израмнете. Печете во загреана рерна на 180 степени околу 30 минути. Проверете со стапче дали е готов. Почекајте да излади, па потоа превртете го на чаинија. За да се исече убаво, почекајте колачот целосно да излади.




РЕЦЕПТ 2: ГРИЛИЈАШ ТРИАГОЛНИЦИ. ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 6 жолчки, 200 г шеќер, 250 г путер, 150 г грилијаш, 150 г бисквити, 100 г ореви и уште 150 г шеќер за карамел.

ПОСТАПКА: Прво пригответе го грилијашот: растопете 150 г шеќер како карамел, истурете го во намастена чинија и чекајте да излади. Потоа издробете го во аван. Во сад со дебело дно ставете ги жолчките, 200 г шеќер и путерот.




Мешајте со жица на умерен оган додека путерот да се растопи. Кога ќе започнат да се појавуваат меурчиња варете уште 3-4 минути за малку да згусне. Тргнете од оган, додајте ситно сечкани ореви и бисквити, а на крај додајте го иситнетиот грилијаш.




Изедначете ја смесата и излејте ја во триаглест калап обложен со жолија. Оставете да излади и да се стегне, а следниот ден сечете ги триаголниците. Напомена: Внимавајте смесата да не се готви предолго, бидејќи ќе започне да се рони при сечкањето. Доколку остане премногу мека, може да ја ставите помеѓу два листа обланди и после да ја сечете како штангли.




РЕЦЕПТ 3: ПАДОБРАНЦИ. ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 6 белки, 300 г шеќер, 400 г мелени ореви, 100 г мелени бисквити, малку лимонов сок. ПОСТАПКА: Изматете ги цврсто белките со постепено додавање на шеќер. Треба да се додаде и малку лимонов сок за подобро да се изматат белките. На крај внимателно додајте ги мелените ореви и мелените бисквити.




Смесата ставете ја во шприц и правете пуслици на плех обложен со хартија за печење. Оставајте доволно растојание помеѓу нив. Печете ги во претходно загреана рерна на 120 степени околу 20-30 минути.




Внимавајте пуслиците да останат со светла боја и само малку да заруменат на краевите. Извадете ги од рерната, почекајте уште некоја минута да изладат во плехот, па потоа префрлете ги во чинија. Пуслиците може да ги спојувате со крем од жолчки изматен на пареа, со фондан, со ганаш крем, со растопено чоколадо и сл.

РЕЦЕПТ 4: ШТАНГЛИ СО ЛИМОН. ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 6 жолчки, 6 лажици шеќер, 1 ванилин шеќер, 1 лимон – сок и кора, 200 г путер, мало пакување обланди. ЗА ФОНДАН: 200 г шеќер во прав, 1 лажица лимонов сок, малку врела вода, 1 лажичка масло.

ПОСТАПКА: Изматете го жолчките со шеќерот и сварете го кремот на пареа. При крај на готвењето додајте сок и рендана кора од еден лимон, па варете уште малку додека филот да згусне.

Кога ќе излади додајте го путерот, убаво измиксајте да се соединат, па филувајте ги обландите. Добро притиснете со нешто тешко и оставете неколку часови додека филот да се стегне.

Во меѓувреме пригответе го фонданот: Изматете го со лажица шеќерот во прав со лимоновиот сок и неколку лажички врела вода додека да се постигне посакуваната густина. На крај додајте 1 лажичка масло и прелијте преку обландата. Може да испрскате и малку растопено чоколадо и да направите убави шари. Кога глазурата убаво ќе се стегне, исечете го колачот на штангли.