Рецепт и видео презентација на Драгана Михајловиќ од “Направи сама – Идеи за креативци” – Брз колач со јаболка, за 5 минути е готов. Многу вкусен и едноставен, кремаст, сочен, брз…Можете да го приготвувате секој ден, но и да ги пречекате милите гости со него.
Кога ќе ви се пријаде нешто слатко, а немате многу време на располагање за да приготвите некои комплицирани колачи или торти, тогаш пригответе овој едноставен, а сепак многу вкусен колач со јаболка и крем.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 3 (големи) јајца, 80 г шеќер, 1 кесичка ванилин шеќер, 100 мл масло, 150 г брашно, 1 кесичка прашок за печиво (10 г), рендана кора од лимон, 2 супени лажици врела вода, 3 јаболка, 4 лажици шеќер, 1 лажичка цимет.
ПОСТАПКА: Најпрво во длабок сад за матење скршете три јајца кои претходно отстојале на собна температура, а потоа пенасто изматете ги со електричен миксер. Додека матите постепено додавајте го шеќерот и продолжете со миксањето додека тој целосно да се растопи.
Додајте и една кесичка ванилин шеќер. На крај треба да добиете светла кремозна смеса од јајца. Изрендајте малку лимонова кора на ситната страна од рендето и додајте ја во смесата. Не заборавајте претходно лимонот добро да го измиете и да го истретирате со сода бикарбона.
Потоа започнете постепено да го додавате брашното додека постојано матите со миксерот. Вкупно ќе ви бидат потребни 150 г брашно. И на крај не заборавајте да додадете и една кесичка прашок за печиво. Продолжете со матењето додека да се изедначат состојките.
Во изедначената смеса започнете постепено да го додавате маслото во тенок млаз, додека непрекинато матите со миксерот. На крај во смесата додајте и две супени лажици врела вода. И уште еднаш изматете за да добиете мазна, изедначена, хомогена и кремозна смеса.
Одберете три цврсти јаболка по можност со различна боја и добро измијте ги со ладна вода, а потоа оставете ги во раствор со сода бикарбона и оцет. Откако добро ќе ги истретирате исечкајте ги на коцки со величина на залак. Доколку сепак се сомневате дека јаболката се многу прскани, тогаш излупете ги пред да ги исечкате.
Помал калап со пречник од 20 см обложете го целиот со хартија за печење (дното и обрачот), претходно малку намастен со масло за готвење, за подобро да се залепи хартијата. Во вака обложениот калап истурете ги сечканите парчиња јаболка.
Може да користите и поголем калап, но во тој случај колачот ќе биде понизок. парчињата јаболка рамномерно распоредете ги и протресете го калапот. Одозгора излејте ја приготвената смеса, но гледајте да ја покриете целата површина врз сите јаболка.
Израмнете ја површината со лажица, па малку протресете го калапот и потчукнете го од масата за да се пополнат сите празнини помеѓу парчињата јаболка. Ставете да се пече во претходно добро загреана рерна на 180 степени, приближно половина час или 35 минути во зависност од рерната.
Печениот колач извадете го од рерна и додека тој се лади подгответе ја мешавината за наросување: во подлабок сад ставете четири лажици шеќер и една полна кафена лажичка цимет во прав. Промешајте. Откако колачот малку ќе подизлади, отстранете го обрачот и хартијата за печење.
Ставете голема чинија за сервирање одозгора, па превртете го колачот. Отстранете ја и долната хартија за печење, па колачот одозгора наросете го мешавината од шеќер и цимет. И тоа е тоа, вашиот колач е готов. Деталите можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.