Помалку масти, а повеќе смеа

Македонците, иако сѐ повеќе се интересираат за здравјето и работат на себе за да се одржуваат во добра форма, сепак се далеку од Европејците, кај кои правилата на умереност преминуваат во стил на живот. Тоа е и една од причините зошто нашиот просечен животен век е пократок од европскиотУмерено јадење и пиење, повеќе физичка активност, објавување војна на цигарите и на мрзеливоста, што помалку нервоза и стрес, а што повеќе дружење, радување, позитивни мисли и убави желби, но и редовни превентивни прегледи. Вакви совети даваат поранешни докажани спортисти и лекари за тоа како се одржува здраво човековото тело за денешниот Светски ден на здравјето. Македонците, иако сѐ повеќе се интересираат за здравјето и работат на себе за да се одржуваат во добра форма, сепак се далеку од Европејците, кај кои правилата на умереност преминуваат во стил на живот. Тоа е и една од причините зошто нашиот просечен животен век е пократок од европскиот.

ВЕЖБАМЕ ПОВЕЌЕ, НО НЕДОВОЛНО

Стевче Алушовски, директор на машката ракометна репрезентација и поранешен ракометен репрезентативец, вели дека неговото искуство покажало оти треба да си физички активен најмалку двапати неделно, правилно да се исхрануваш и да одиш на редовни превентивни проверки на здравјето.

– Во тој дух го воспитувам семејството. Но, освен физичкото, битно е и менталното здравје. Ги сакам менталните вежби за развој, препорачувам повеќе читање, веселење, смеење, другарување. Многу значајни се добрата семејна атмосфера и секој момент во здрава семејна атмосфера. Живееме во време кога во текот на денот членовите на семејството се на разни страни, па макар навечер и за викендите убаво е да се дружат заедно – вели Алушовски.

Владимир Богоевски, македонска одбојкарска легенда, сега спортски директор на Македонскиот олимписки комитет, истакнува дека е многу битно некој да сака да биде здрав и да има развиена свест за тоа.

– Истрчајте се или изнапешачете се, контролирано јадете, верувајте во себе, верувајте во убави нешта – вели Богоевски.

Луѓето што имаат професионална врска со спортот се задоволни оти сѐ повеќе граѓани се занимаваат со физичка активност.

Една од задачите што треба да си ја поставиме за подобрување на нашето физичко и психичко здравје е избегнување на стресните состојби, советува д-р Виолета Христова-Јаниќ, интернистка во првата приватна болница „Ре-Медика“.

Иако се подисциплинирани од порано, македонските граѓани нередовно превентивно го проверуваат здравјето.

– Кога нашето тело е под дејство на стрес, се лачат супстанции што ја нарушуваат совршената рамнотежа на организмот и може да се јават разни симптоми што се дел од одредена болест. Најважна работа во одржувањето на здравиот организам е правење периодични превентивни прегледи. Со рано откривање на болестите, можноста за излекување е поголема или, пак, се спречуваат потешки компликации што одат со самата болест. Најголем дел малигни болести може да се излекуваат доколку ги откриеме навреме – објаснува д-р Христова-Јаниќ.

Со практикување физичка активност, додава таа, престој во природа, здрава храна и континуирана позитивна мисла се комплетира нашата задача за добро здравје.

Проф. д-р Георги Чадловски, психијатар, обрнува внимание и на правилното спиење.

– Мозокот бара одмор. Ноќе ги складира информациите, треба да се спие. Треба да се легнува навреме, да се пијат минимални количества алкохол, добар спортски живот, минимум 5 километри пешачење дневно, малку ограничување на работата на компјутерите, повеќе друштвен живот со пријателите – вели тој.

ПРЕТЕРУВАМЕ СО МАСТИ, СОЛ И СО КОНЗЕРВИРАНА ХРАНА

Еден од предизвиците со кои се соочуваат нашите граѓани е правилната исхрана. Нутриционистите се задоволни оти сѐ повеќе граѓани внимаваат на исхраната, но велат дека мора да имаме високи очекувања. Просечното дневно енергетско внесување, според податоците на Институтот за јавно здравје, кај нас е 2524,4 килокалории. Оттаму велат дека претеруваме со внесувањето масти. Така, ако нашето процентуалното учество на мастите во дневниот оброк е 34,1 проценти, препорачано е тие да бидат помалку од 30 отсто. Граѓаните претеруваат и со натриумот. Наместо препорачаните од 500 до 2.500 милиграми дневно, ние го внесуваме во исклучително високи концентрации од 7.883 милиграми.
– Ова се должи на внесувањето конзервирана солена храна, како сувомесни производи, конзервиран зеленчук и поголемо внесување готварска сол – велат од Институтот.

Сведоци сме на експанзија, односно силен, позитивен тренд во размислувањата на луѓето како поздраво да се хранат, вели Петар Попоски, советник за исхрана во НМД – специјализирана веб-страница. Имено, објаснува тој, до неодамна репер за појадок беа бурек, ѓеврек, сендвич… Денес, сѐ повеќе луѓе се одлучуваат за т.н. „здрав“ оброк, на пример, житарки за појадок, свежа салата со парче немасно месо како главен оброк и овошје за вечера или како основа на појадокот.

– Но, истовремено, сведоци сме и на разни „сигурни“ диети, кои гарантираат губење и на повеќе килограми. Најчесто тоа се оброци што се повторуваат или протеински диети, во кои доминантни се месото и неговите преработки или овошјето и зеленчукот низ целиот ден. Би сакал да истакнам дека кај сите овие варијанти нешто недостига, било да се витамини и минерали, односно протеини или јаглехидрати… Резултатот најчесто е поразителен, т.е. може да се изгубат неколку килограми, но и трајно да се дебалансираат некои параметри во организмот – вели Попоски.

Затоа, вели тој, најдобрата исхрана е онаа што ќе биде разновидна, односно ќе опфаќа што повеќе витамини, минерали, но и протеини, јаглехидрати… Сето тоа треба да е поделено во помали оброци (минимум 4-5 во текот на денот) и, секако, потребно е да се обрне внимание на спецификациите на производите, заради евентуалните конзерванси и бројот на калориите.

– И најважното, неопходно е да се внесува многу вода! Од друга страна, за постигнување и одржување оптимално здравје, неопходна е и физичката активност. Меѓутоа, не треба да се форсира во почетокот, па потоа да се застане, туку таа да биде континуирана во текот на животот – додава Поповски.

ЖИВЕЕМЕ ПОМАЛКУ ОД ЕВРОПЕЈЦИТЕ

Старосната структура на населението во Република Македонија бележи значајни промени. Имено, македонското население сè повеќе старее. Во исто време, очекуваното траење на живот во 2012 г. изнесувало 72 години за мажи, 77 за жени, или во просек 74 години живот, што бележи благ пораст во однос на претходните години. Меѓутоа, животниот век во Република Македонија, велат од Институтот, е значително помал во однос на другите земји, а за пет години под просекот во ЕУ.

Инаку, вкупниот број регистрирани заболувања во амбулантно-поликлиничката дејност во 2012 година е зголемен за 50,2 отсто во однос на 1991 година. На прво место на листата на заболување се болестите на системот за дишење (24,8 отсто), на второ место (14,5 отсто) се болестите на циркулаторниот систем, а на трето (8,5 отсто) се заболувањата на генитални и уринарни органи.

Пациентите што се лекувале во болници најмногу страдале од болести на циркулаторниот систем, на окото, на респираторниот систем, на мускуло-скелетниот систем, како и на жлездите.

Инаку, Македонците најчесто умираат од болести на срцето и на крвните садови, или срцеви и мозочни удари. На второ место причина за смрт од болестите е ракот, потоа доаѓаат ендокрините, нутритивните и метаболните болести, па болестите на респираторниот систем.

 

Автор: Наташа Бошковска-Златкова
natasa.b@novamakedonija.com.mk
www.novamakedonija.com.mk

Loading...