Зошто сите варат кора од лимон, цимет и ѓумбир?
Варењето на кора од лимон, цимет и ѓумбир последниве месеци се претвори во еден од најпопуларните домашни ритуали на социјалните мрежи.
Напитокот често се претставува како „детокс“, средство за рамно стомаче или брзо слабеење, но вистината е многу поедноставна – и пореална, пишува НМД.
Оваа топла инфузија не е чудотворен лек, но може умерено да го поддржи варењето, да го намали чувството на надуеност и да послужи како здрава замена за засладени напитоци или вечерна кафе-пауза.

Зошто луѓето навистина го пијат овој напиток?
Најчестата причина е практична:
-по оброк, телото полесно се смирува, стомакот е помалку тежок, а желбата за слатки или газирани пијалаци се намалува.
Топлиот напиток создава чувство на удобност, комфорт и грижа за себе – нешто што многумина несвесно го поврзуваат со подобро варење и помирен крај на денот.
Што прават состојките – реално, без митови
-Кората од лимон содржи ароматични етерични масла кои можат благо да го стимулираат варењето и да му дадат освежувачка горчина на напитокот.
-Циметот создава чувство на топлина и може да придонесе за постабилно ниво на шеќер во крвта.
-Ѓумбирот е добро познат по тоа што го смирува желудникот, ја намалува мачнината и го олеснува варењето.
Комбинирани, овие состојки не создаваат детокс, туку топла, мирисна инфузија што му годи на телото и на сетилата.
Како правилно се подготвува напитокот?
Во тенџере ставете:
-кора од еден добро измиен лимон
-едно стапче цимет или рамна лажичка цимет во прав
-неколку тенки парчиња свеж ѓумбир
Сипете околу еден литар вода, оставете да зоврие, па варете на тивок оган 10–20 минути, во зависност од интензитетот на вкусот што ви одговара.
Може да се пие топол навечер, млак преку ден или како лесна замена за кафе.
Најчести грешки
-Очекување брзи резултати (слабеење, „чистење“ на организмот)
-Додавање многу мед или шеќер
-Предолго варење, кое создава горчлив вкус
-Пиење големи количини на празен стомак
Кој треба да биде повнимателен?
Луѓе со чувствителен желудник, лица со киселини, трудници и оние што земаат лекови за разредување на крвта треба да го консумираат умерено и, по потреба, со совет од лекар.
Која е вистинската вредност на овој напиток?
Зад етикетата „детокс“, овој напиток е пред сè мал, секојдневен ритуал.
Не ги топи мастите и не ја заменува правилната исхрана, но може да помогне да се чувствувате полесно, посмирено и посвесно за сигналите на сопственото тело.


































