Домашниот квасец уште се нарекува и „стартер“ и како што ќе видите, многу лесно се приготвува. Лебот и другите печива кои ќе ги правите со овој природен квасец се многу квалитетни, поздрави, помеки и подолго ја задржуваат својата свежина.

Факт е, дека за да приготвите домашен квасец, сепак е потребно малку повеќе време, околу 3-4 дена, но кога еднаш ќе го направите, потоа можете многу едноставно да го обновувате.

Не бара многу труд, постапката е едноставна, нешто слично како кога приготвувате комбуха или кефир, на пример.

За приготвување ќе ви бидат потребни:

-стаклена тегла,
-фолија за покривање,
-топла вода,
-брашно и
-шеќер.

Квасецот можете да го приготвите од бело брашно, спелтино брашно или друго интегрално брашно.

Исто така, наместо бел шеќер можете да користите интегрален. Важно е теглата да се чува на темно, на собна температура, да се остава малку воздух да може да навлегува внатре за да може да се создаде квасецот. Еве како се приготвува.

Потребни состојки:

100-150 мл вода
60 г брашно
1 лажица шеќер

Постапка:

ПРВ ДЕН

Во 150 мл млака вода промешајте 1 лажица шеќер додека да се раствори. Шеќерната вода претурете ја во стаклената тегла. Потоа тука додајте го брашното и убаво промешајте за да се изедначи.

Покријте ја теглата со алуминиумска фолија, но оставете ја малку подотворена за да има воздух. Оставете ја на темно, на собна температура до следниот ден.

ВТОР ДЕН

Подгответе нова доза од 100 мл вода и 60 г брашно. Шеќер се става само првиот пат, па нема потреба од повторно додавање, бидејќи квасците ќе започнат да се хранат од шеќерите што се содржат во брашното.

Во смесата од теглата од претходниот ден прво додајте брашно, промешајте, па додајте вода. Внимавајте да немате грутчиња.

Покријте ја теглата со проѕирна фолија (повторно подотворено) и одозгора со алуминиумска фолија, а потоа покријте ја целата тегла со крпа. Оставете на темно, на собна температура до следниот ден.

ТРЕТ ДЕН

Повторете ја целата постапка од вториот ден, промешајте убаво за да добиете хомогена смеса без грутчиња, а теглата оставете ја на собна температура, на темно до следниот ден.

ЧЕТВРТИ ДЕН

Квасецот е готов и може да се употребува. Треба да мириса убаво, со препознатливиот мирис на квасец…

Доколку месите леб со овој квасец, на 700 грама брашно употребете околу 150 мл од овој квасец. Кога неколку пати ќе месите со овој квасец, веќе ќе можете и сами да процените колку квасец ќе ви биде доволно.

Ако сакате да го негувате својот домашен квасец и да го обновувате, за редовна употреба, четвртиот ден во теглата повторно додајте нова вода и брашно како што постапивте претходните денови.

Доколку не планирате да месите секој ден, вака приготвениот домашен квасец слободно можете да го замрзнете во количина за една употреба. Кога стартерот ќе го одмрзнете, употребете го на вообичаен начин.

Исто така, вака одмрзнатиот квасец може да послужи за добивање на нова количина квасец, а сè што е потребно да се направи, е да се додаде малку вода и брашно и да се повтори постапката од вториот, третиот и четвртиот ден.

Она што со сигурност може да се потврди е дека лебот и печивата приготвени со овој квасец се многу повкусни и многу подолго и посвежо траат.

Единствена мана е што тестото поспоро нараснува (не буфнува како со купечкиот квасец), па затоа препорака е да се замеси одвечер, а да се пече наутро.

Целата постапка можете да ја погледнете во видеото подолу: