Ова е еден од највкусните суви колачи кој може да се приготви и како куглоф. За да го приготвите колачот неопходна ви е МАЈА која треба да ви ја даде пријател, а вие потоа неколку дена го храните квасот за да порасне и да се умножи.

Можете веднаш да го направите колачот штом ќе ја добиете мајата, но на тој начин ќе го завршите кругот и нема да го споделите со други луѓе. Се нарекува и колач за здравје, среќа и благосостојба, бидејќи мајата се приготвува со љубов и добри мисли и се подарува искрено на луѓе на кои им посакувате само добрина.

Не ја одбивајте мајата, првенствено затоа што колачот е превкусен.

Кога ќе добиете маја еве што треба да правите (користите исклучиво дрвена лажица за промешување, за да не се уништат живите култури):

Првиот ден ставате 250 г шеќер. Вториот ден додавате 250 мл млеко. Третиот ден додавате 250 г брашно. Четвртиот ден само промешувате.

Петтиот ден додавате 250 г шеќер, 250 мл млеко и 250 г брашно. Промешувате со дрвена лажица и целата смеса ја делите на 4 еднакви дела (3 дела во 3 стаклени тегли со капак за да ги разделите на 3 пријателки).

Во својот дел додавате: 250 г брашно, ½ лажичка сода бикарбона, ½ лажичка прашок за печиво, 3 јајца, 1 ванилин шеќер, 250 мл масло, 1 лажица сечкани ореви, ½ лажичка цимет, 3 раце суво грозје, ½ лажица чоколадни трошки

Постапка: Мешате со дрвена лажица, го премачкуавте куглофот или тавчето со масло и печете на 180 степени околу 40 минути или пробувате со чепкалка дали е печено.

Втора варијанта: 250 г брашно, 250 мл масло, 3 јајца, 3 рендани јаболка, ½ прашок за печиво, ½ лажичка сода бикарбона, 1 лажичка цимет, 150 г сечкани ореви, 150 г суво грозје, 1 ванилин шеќер

Се меша со дрвена лажица со секое ставање на состојките, се пече на 180 степени околу 20-30 минути.