Никогаш не умираат оние кои живеат во срцата на саканите. Да се помолиме за нашите сакани кои заминаа о нема да се вратат… За оние кои ни значеле и сè уште ни значат… Да ги спомнеме…

-од Годишни обичаи кај Македонците, Даворин Трпески

Повеќепати во годината имаме задушници:

-Зимска задушница
-Петровденска задушница
-Митровденска задушница

Верувања:

-Меѓу народот постоело верување дека за задушниците Бог сите мртви ги враќа на земјата, а тие, пак, барале да јадат. Пред секој мртовец имало софра и на неа тоа што го донеле живите за него. Мртвите, пак, за кои никој не се сеќавал, тажно гледале во другите полни софри, од кои не можеле да добијат ниту залак.

Забрани:

-Bo пределот Бојмија за време на задушниците не смеело да се чистат куќите, затоа што се верувало дека на умрените ќе им се запраши софрата. He шиеле затоа што ќе им се сошиела устата, па не ќе можеле ништо да пробаат од јадењето.

He било добро на тој ден да се караат, затоа што мртвите ќе се налутеле и немало да јадат од „за душа”. Доколку некој што носел вода, а притоа сретнел некого, требало да го понуди од водата, бидејќи на тој ден мртвите биле многу жедни.

Требало за секој умрен да се запали пo една свеќа, затоа што се верувало дека доколку не му се запали, цел ден ќе му било мрак пред очите, па ништо немало да види…

Постојат празници кои се co променлив датум и нивното календарско дефинирање е во зависност од празникот Велигден. Првиот таков празник кој се прославува од страна на Македонците е „Задушница”, преку кој и во минатото, а и денес се искажува почитта кон предците, сеќавање кон нив, односно оддавање внимание на поблиските и на подалечните умрени сродници.

Култот кон предците и воопшто кон покојниците, во народната култура на Македонците отсекогаш бил особено присутен, па од тие причини во текот на годината постојат повеќе задушници, а официјално ги има три.

Но, во некои предели се јавува уште една „Задушница”, како што е примерот на онаа во Радовишко Поле и во Бојмија, која се вика „Умрело дете за баничка”.

Според народните претстави, постоеле различни имиња за сите задушници, пред се за да можат да ги разликуваат.

Најчесто ги именувале според периодот во којшто ги одржувале: „Зимска задушница”, „Петровденска задушница” и “Митровденска задушница”, која уште се среќава и под името „Есенска задушница”. Исто така, многу често, во некои од македонските предели, задушниците се среќаваат и co имињата „Мртвени” или„Мртвини”, име кое, секако, се поврзува co оние за кои е наменет овој ден.

За Црквата не постојат никакви поделби на задушници туку, едноставно, во употреба е само името „Задушница”, независно од тоа во кој период од годината се паѓа.

Најчесто, задушниците започнувале уште во петокот попладне, а продолжувале утредента, во саботата. За време на задушниците, жените ги посетувале семејните гробови каде што раздавале од подготвените јадења, палеле свеќи и ги полевале гробовите co вода и co вино, а свештениците читале молитви за упокоение на душите на мртвите.

Онаму каде што немало свештеници, таа улога jа преземале жените кои самите ги прекадувале гробовите co темјан.

Според етнологот Зоранчо Малинов, во пределите од Македонски Шоплук, на гробовите жените раздавале јадења и пијалаци за „да им се најдат на мртвите на оној свет”.

Во петоците раздавале само посна храна, додека во саботите раздавале и мрсна. Но, и за двата дена обврзно било носењето варена пченица и обредни лебови („поскури” и „просфори”) или помали обредни лепчиња („тутрички и „пупички”). Исто така, имало и различни имиња за една иста Задушница.

Така, според истражувањата за „Зимската задушница”, на пример, што се паѓа осум дена пред празникот Прочка, односно деветтата сабота пред Велигден (според грегоријанскиот календар, оваа задушница би требало да се падне меѓу 6 февруари и 12 март), често се среќавале и описни имиња: „Мртвен пред Прочка” во селото Будинарци (Малешево), „Задушница пред Прочка” во селата од Кочанско Поле, „Задушница пред велигденски пости” Bо селото Ратево (Малешево) или „Прочкен мртвен” во селото Лакавица, Штипско.

Од причини што оваа Задушница се паѓа во зимскиот период, кога немало многу плодови, па не била толку богата co продукти кои можеле да се раздаваат, во некои села од пределите Кратовско, Славиште, Пчиња и Козјачија била наречена „Зимња задушница”, во пределот Бојмија ја викале „Зимски мртвин”, а во селата од Осоговијата го користеле називот „Сиромашка задушница”.

Bo исто време, оваа Задушница се паѓа во т.н. „Месна недела”, односно последната недела од „Месниците”, кога било дозволено да се јаде месо, па од тие причини во некои предели, како на пример во Злетовско, била наречена „Месна задушница”.

Bo пределот Радовишко Поле, според Зорка Делиниколова, Зимската задушница ја именувале како „Мртвен”. Имено, во секоја куќа каде што имало умрени, жените подготвувале „раздавник” од жито и леб. Но, онаа куќа во која имало донесено невеста неодамна, не приготвувале ништо за мртвите, бидејќи постоело верување дека пред невестата не треба ништо да се изнесува ништо што е подготвено “за душа”.

Со подготвувањето на житото и лебот, обично се занимавале постарите жени во куката, најчесто свекрвата. Пченицата jа вареле во петок, ја засладувале co шеќер, додавале ореви, а потоа ја ставале во чинија – „блудце”.

Некои жени место леб меселе проскури, а во поново време купувале симити. Од поново време е и подготвувањето повеќе видови јадења. Сепак, за секоја задушница задолжително носеле шише со вино, темјан, свеќи и мртовечка книга во која биле запишани имињата на сите што биле умрени во фамилијата.

Готовите јадења ги ределе во послужавник или во тепсија и ги покривале co некоја навезена бела крпа “бошча”.

По биењето на камбаната, жените оделе на гробишта и таму ги оставале „раздавниците”, на гробовите од своите блиски палеле свеќи и го чекале свештеникот. Свештеникот по ред ги „прекадувал гробиштата, оставајќи по малку од секое јадење до крстот на секој од гробовите.

За таа работа, жените на свештеникот му давале пари и по нешто од јадењата. Оние жени кај кои поминал свештеникот излегувале пред црквата и го оставале „раздавникот” на трпезата и раздавале на други жени, на деца и на просјаци кои биле дојдени за да си земат од јадењето.

Bo пределот Бојмија, како што нè информира Стеван Тановиќ, домаќинката која се подготвувала да оди на гробишта готвела пченица што ја ставала на “лингер” (плиток бакарен сад).

Површината на пченицата ја закитувала со цвеќе, овошје и co шеќер. Сево ова го викале „сâн”. Co секој сан оделе и по пет „литургии” кои домаќинката ги замесувала co пченично брашно и со квасец.

Замесувала и леб co втиснат „пискурник” во средината и околу тој пискурник втиснувала уште четири мали пискурници.

Карактеристично за овој леб било тоа што не го месела на ноќвите, како што обично го месела лебот, туку го месела во тепсија.

Кога ќе се испечел лебот во „подница” (лебот за в црква не смеел да биде печен во тепсија), домаќинката го замотувала во „мисаљ” и го тргала на некое скришно место. Штом ќе зачукала камбаната, домаќинката земала чист мисаљ во кој ги ставала лебот, санот co литургиите и сето тоа го заврзувала.

Потоа земала вино и свеќи, го ставала мисаљот на главата и заминувала во црква. Таму, во црковниот трем, го оставала мисаљот co лебот, а во црквата го внесувала само санот заедно co четири литургии (една од литургиите ја давала на клисарот пред да влезе во црквата).

Во санот ставала свеќа, која горела се додека санот бил во црквата. Откако свештеникот ќе ја кажел молитвата, сите жени co сановите излегувале надвор и по една од литургиите оставале за свештеникот.

Потоа секоја жена одела на гробишта и секоја на секој гроб палела по една свеќа за секој починат од семејството, го закитувала со цвеќиња, а гробот на крст го поливала co вино.

По ова жените започнувале да раздаваат, секоја од својот сан, а најпрво на попот, па потоа и на преостанатите. Доколку се појавел некој непознат, и нему му давале од лебот и од пченицата.

По ова сите си разотидувале по дома. Дома, вечерта, обично вечерале од парчињата што ги имале добиено од преостанатите жени и во таа пригода забележувале која жена добро месела, а која не. Утредента, во саботата наутро, истите жени подготвувале „за душа”. Готвеле сарајлии, татлии, рибници, а од претходниот ден имале готови леб и пченица.

Co овие работи повторно оделе в црква и повторно раздавале, а притоа секој велел: „Бог да просте”. И преостанатите две задушници, „Петровски” и „Митровски”, ги изведувале на ист начин. Задушниците и денес во целосна свежина, како народни обичаи, се зачувале до денес, така што во македонските села и градови сè уште масовно се одржуваат.