Торта Јужен ветер – ова е старинска, права торта, со кора од белки, фил од жолчки, со ореви…

Оваа торта никогаш ја немав направено, не сум ни слушнала нешто често да се спомнува, но штом ја здогледав, ме асоцираше на филм и си реков, што да не, ќе ја направам.

Штом корите се белки, а филот од жолчки, сè заокружено со ореви, мора да биде добра…и навистина е одлична! Припаѓа во плејадата од старински, прави торти.

Потребни состојки:

10 белки
10 лажици шеќер
4 лажици брашно
200 г мелени ореви
-се печат две кори од оваа мера

за фил:

Loading...

600 мл млеко
10 жолчки
100 г густин (нишесте, скроб)
10 лажици шеќер
150 г мелени ореви
250 г путер/маргарин

Постапка:

Вклучете ја рерната на 200 степени. Со миксер изматете 5 белки со 5 лажици шеќер во цврст снег. Додадете 2 лажици брашно и 100 г мелени ореви. Промешајте со лажица, а смесата рамномерно распоредете ја во плех со величина 25х35 см, претходно обложен со хартија.

Ставете да се пече и намалете ја температурата на 180 степени, околу 20-25 минути, во зависност од рерната. Додека едната кора се пече, пригответе ја другата на ист начин како и првата, па исто така и испечете ја.

За фил: Измешајте жолчки, густин и шеќер, па додадете малку ладно млеко од оние 600 мл, а остатокот од млекото ставете го да проврие. Во врелото млеко сварете ги жолчките на намалена температура со постојано мешање, додека да згусне. Тргнете од оган, покријте со проѕирна фолија или кеса директно на филот, па оставете да се олади. Кога целосно ќе се олади, пенасто изматете го путерот, па додадете го во кремот и соединете ги со миксер. Потоа додадете ги мелените ореви, па убаво соединете.

Корите пресечете ги по должина за да добиете 4 тесни, а долги кори. Филувајте ги корите со кремот (има доволно и за корите и за обложување на целата торта). Декорирајте по желба и пред послужување добро изладете ја.

Domacirecepti.net

Loading...