Она што ви е потребно за овие колачи е малку време и неколку состојки кои веројатно постојано може да ги најдете во кујната. Се прават за кратко време, а вкусот многу потсетува на познатите детски, мини тортички „Барни“. Овие триаголници може да ги послужите за било која пригода, без разлика дали е свечена. Изгледаат многу декоративно, а одлично се комбинираат со кафе.




Покрај големата разновидност на славските колачи, овие се едни од најбараните, особено за претстојните велигденски празници. Израдувајте ги вашите најмили со овие вкусни колачиња кои се прават од неколку состојки. Нема валкање на многу садови, состојките за бисквитот се мешаат, а потоа смесата се излева во плех и се пече. На крајот останува уште да ги филувате и украсите. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 4 јајца, 1 и пол шолја гранулиран шеќер (250 г), 1 кесичка ванилин шеќер, 1/2 шолја масло (110 мл), 1 шолја млеко (200 мл), 2 шолји брашно (250 г), 1 кесичка прашок за печиво (10 г), половина лажичка сода бикарбона (5 г), 1 лажица сок од лимон. ЗА ГЛАЗУРА: 160 г млечно чоколадо, 300 мл топло млеко (1 и пол шолја) и уште малку кокос за наросување.




ПОСТАПКА ЗА БИСКВИТОТ: Јајцата и млекото се оставаат да се стоплат на собна температура, минимум 1 час пред подготовката на колачињата. Скршете ги јајцата во еден подлабок сад (не се разделуваат на белки и жолчки) и додајте 1 и пол шолја гранулиран шеќер и 1 кесичка ванилин шеќер.




Со миксер започнете да ги соединувате состојките. Миксирајте неколку минути додека шеќерот да почне да се растопува во јајцата, а тие да станат пенасти. После неколку минути ќе забележите дека смесата започнала да побелува, да го зголемува својот волумен и да станува поретка, па тогаш привршете со миксирањето.




Потоа, додајте 1/2 шолја масло и 1 шолја млеко, соединете уште малку, па просејте го брашното, заедно со прашокот за печиво и сода бикарбоната. Лесно измешајте ги состојките со шпатула, додека да се соединат и да се добие хомогена смеса, без грутчиња. На крајот додајте го сокот од лимон и сосем кратко вмешајте го.




Подгответе си еден плех од рерна со стандардна големина и премачкајте го со путер на дното и од страните или ставете хартија за печење. Излејте ја смесата за бисквитот, израмнете ја, па плехот протресете го од рамна површина. Вклучете ја рерната да се загрее на 170 степени, па ставете го бисквитот да се испече околу 15-20 минути, со повремено проверување. Бисквитот треба да добие светло кафеава коричка.




Важно е плехот во кој го печете да биде голем, а бисквитот да биде со дебелина од 1,5 прст. По печењето, оставете го малку да се олади, па исечете го половина, паралелно со подолгата страна, а потоа секоја половина на уште една половина, така што ќе добиете 4 подолги ленти. Потоа, секоја лента се сече дијагонално, почнувајќи од едниот врв на плехот (погледни видео), а на крајот се завршува со сечење на хоризонтални ленти, односно од пократката страна на плехот, доколку сечете паралелно. Сите колачиња треба да бидат триаголни.




Пригответе ја глазурата така што ќе го зовриете млекото, а потоа ќе го прелиете во исечканото чоколадо и ќе измешате до соединување. Во еден помал сад ставете ги кокосовите трошки. Земајте по едно од триаголниците и страните натопувајте ги во чоколадната глазура, а потоа валкајте ги во кокосот. На средината, колачињата треба да останат празни.

Бидете нежни и внимателни со колачињата бидејќи се многу меки и лесно можат да се  скршат, затоа не ги држете многу долго во чоколадната глазура. Притоа, таа треба да биде млака, а не врела. Редете ги колачињата настрана додека да се стегнат од чоколадната глазура, а кога целосно ќе се оладат послужете ги со шолја кафе. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете ОВДЕ.