Се подготвува за 25 минути многу брзо и лесно, а вкусот ќе ве воодушеви. Никој не се задржал само на едно парче, па и вие сигурно ќе посегнете по второ, а можеби и по трето парче. Не е премногу благ и „тежок“, па идеален е за десерт, но може да се послужи и за вечера, зашто добро се комбинира со млеко. Како десерт одличен е во комбинација со кафе.




Доколку ви се појават на врата ненајавени гости, додека го варите кафето во кујна, набрзина подгответе го и овој колач. Гостите ќе бидат воодушевени од топлиот и свеж колач. За него нема да ви биде потребен миксер, ниту многу намирници. Состојките потребни за приготвување се мерат едноставно, со шолја од 200 мл.




Може да користите џем од кајсии како што ќе користам јас во рецептот, а колачот ќе излезе во посветла боја. Но, нема да погрешите ако сте поголем љубител на џем од сливи, јагоди или мармалад. Со секој намаз се комбинира одлично. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 3 јајца, 200 мл млеко (1 чаша), 200 мл масло (1 чаша), 200 г пченичен гриз, 200 г шеќер, 1 кесичка ванилин шеќер (10 г), 200 г брашно, 1 кесичка прашок за печиво (10 г), 200 г џем од кајсија, шеќер во прав за наросување на колачот.




ПОСТАПКА: Веднаш вклучете да загрева рерната на 180 степени, зашто колачот се приготвува многу брзо. За тепсија користете некоја со средна величина или каква имате и според количината одредете во која тепсија ќе го печете колачот. Доколку го печете во помала тепсија, колачот ќе биде повисок и потребно е подолго време да се испече целосно.




Скршете ги трите јајца во подлабок сад и малку изматете ги со кујнска маталка-жица. Потоа додајте го шеќерот и ванилиниот шеќер и повторно измешајте ги состојките. По желба може да додадете ситно рендана кора од лимон или портокал за цитрусна арома и мирис.




Потребно е шеќерот само малку да се растопи со јајцата, а потоа додајте го млекото и повторно измешајте. Со секоја ставена состојка малку промешувајте, а потоа додавајте ја наредната. Додајте го маслото и гризот. Внимавајте смесата да е добро измешана и да нема грутчиња.




Најпосле додајте го брашното помешано со прашокот за печиво и повторно соединете додека смесата да се изедначи. Откога тестото ќе стане хомогено, додајте го џемот од кајсии и овојпат исто така, добро промешајте.




Димензиите на мојата тепсија се 33×20 см. Може да ставите хартија за печење, но јас секогаш ја премачкувам тепсијата со малку масло и наросувам малку брашно на подлогата и од страните. Тестото излејте го во подготвениот калап и рамномерно распоредете го.




Ставете да се пече во загреаната рерна на 180 степени, 25 минути или додека да зарумени и да почне да се двои од ѕидовите на калапот. Оставете малку да излади, па наросете го со шеќер во прав и залијте го со чоколадна глазура. По желба, додека е топол можете да го премачкате со џем и да го наросите со мелени ореви.