Home Рецепти Раванија каква што ја правеше мајка ми – се топи во уста!

Раванија каква што ја правеше мајка ми – се топи во уста!

Фото и рецепт: Родна Трпеска

Ова за многумина е омилениот рецепт, сочната раванија со гриз.

Потребни состојки:

4 јајца
9 лажици шеќер
9 лажици ладна вода
9 лажици гриз
9 лажици брашно
1 прашок за печиво

За шербет:

500 мл вода
500 г шеќер
2 ванилин шеќер

Постапка:

Прво се приготвува шербетот, зашто мора да излади пред да се потури топлиот колач.

Се ставаат водата и шеќерот на оган да зоврие, па на умерена температура се вари околу 10-15 минути и пред крај се додава ванилата.

Кој сака може да додаде и малку сок од лимон. Се трга настрана и се остава да излади.

Јајцата се матат пенасто со постепено додавање на 9 лажици шеќер. Се мати убаво додека шеќерот се стопи а смесата побели и стане пенлива.

Потоа се додаваат 9 лажици ладна вода и се промешува.

Настрана во друг сад се мешаат 9 лажици гриз со 9 лажици брашно и еден прашок за печиво, па постепено со лажица се додава во смесата од јајца.

Се меша бавно и внимателно за да остане смесата пенлива и воздушеста.

Потоа се излева во плех со средна величина, претходно намастен со путер и набрашнет (или само намастен со путер и испрскан со ладна вода, по што водата се исцедува).

Се пече во загреана рерна на 180 степени додека да зарумени. За сигурност, проверете со чепкалка.

Печениот колач се остава неколку минути малку да подизлади, па додека е топол се прелива со изладениот шербет. Се остава убаво да го впие, па се лади и се послужува.

Фото и рецепт: Родна Трпеска

Од Македонска кујна, некогаш и денес