Рецепт и фотографија на Верица Николиќ – Превртена торта со јаболка. Тортата освен што е многу вкусна, исто така е многу декоративна и може да се послужи за свечени пригоди, но и за секој ден. За да ја приготвите кората ќе ви бидат потребни следните состојки:

200 г омекнат путер, 250 г шеќер, 200 г брашно, 4 јајца со средна величина, 50 мл јогурт, 1 кесичка ванилин шеќер со вкус на цимет (или сами додадете малку по вкус) и една кесичка прашок за печиво. Уште ќе ви биде потребно: 800 г јаболка, 150 г суво грозје, 100 г млечни лешник карамели, 3 лажици мелени лешници.

За декорација ќе ви биде потребно: 150 г бел шлаг крем, 250 мл газирана вода, 50 г млечно чоколадо и 20 г путер. Постапка: Јаболката добро измијте ги со ладна вода, излупете ги и исчистете ги од семки, па исечете ги на ленти со дебелина од 3 мм.

Земете одговарачки сад, тепсија или калап со величина од 26 см (јас користев тепсија). Дното од садот обложете го со хартија за печење а страниците премачкјате ги со путер. Со путер премачкјате ја и обложената хартија. Преку хартијата густо наредете ги исечените јаболка, може и во 2-3 реда да бидат наредени.

Преку јаболката наросете суво грозје, претходно потопено во рум или сок од портокал, набубрено и исцедено од вишокот течност). Наросете и исечкани лешник карамели и мелен лешник. Најдобро е лешникот претходно да се истостира, односно да се потпече во сува тава за поубаво да замириса, па откако ќе се олади да се сомеле.

На тој начин се добива посилна арома. Подготовка на кората: Во длабок сад ставете го омекнатиот путер, додадете шеќер, ванилин шеќер и со миксер пенасто изматете. Додавајте ги јајцата, но едно по едно, непрекинато матејќи со миксерот. Додадете го јогуртот во тенок млаз, претходно отстојан на собна температура.

На крајот додадете го и брашното помешано со прашок за печиво. Добро изматете за да се соединат состојките во изедначена смеса. Изматеното тесто со лажица распоредете го преку јаболката. Не треба да се грижите ако тестото дојде до работ на тепсијата, при печењето нема да претече.

Тортата ставете ја да се пече во претходно загреана рерна на 160 степени. Проверете со чепкалка дали кората е печена. Ако е потребно, пред крајот од печењето тортата прекријте ја со хартија, за да не изгори површината. Печената торта извадете ја, изладете ја, па превртете ја врз чинија за сервирање. Отстранете ја хартијата.

За декорација: изматете бел шлаг крем со ладна газирана вода. Целата торта премачкјате ја со шлагот и украсете ја одозгора по желба. Чоколадото и путерот ставете да се растопат. Растопената мешавина од чоколадо и путер оставете да излади, па со лажичка ишарајте преку шлагот. Тортата оставете ја во фрижидер најмалку четири часа, па послужете ја.