Проверено добри кифли, нема да погрешите ако ги направите. Се замесуваат со нешто повеќе од еден килограм брашно, со газирана вода и масло. Како за првпат направете ја оваа доза, а следниот пат сигурно ќе сакате да ги направите во двојна доза.
Потребни состојки:
1200 г брашно, 600 мл газирана вода, 100 мл млака вода, 200 мл масло, 1 ½ лажица сув квасец, 1 лажица шеќер, 1 лажица сол, 3 лажици масло, крупна сол за наросување одозгора, 100 г посен маргарин за премачкување на коричките.
Постапка:
Во 100 мл млака вода измешајте го квасецот со лажица шеќер и лажица брашно, па смесата без грутчиња оставете ја на топло место, 10-тина минути, додека да запени и да се активира.
Брашното измешајте го со сол, па додајте го активираниот квасец, газираната вода која малку сте ја загреале да биде млака и маслото, па замесете мазно тесто. Премачкајте го со малку масло и оставете го да ферментира додека да се удвои.
Потоа кинете топчиња со големина на праска, развлечете ги во четириаголна кора, засечете со нож како на сликата, и премачкајте малку со маргарин, па потоа свиткајте ја кората во кифла.
Вака приготвените кифли редете ги во намастен плех, премачкајте ги одозгора со масло и посипете ги со крупна сол, па оставете ги да одморат додека да се удвојат во волумен.
Потоа печете ги во претходно загреана рерна на 180 степени додека да заруменат.
Готовите кифли веднаш премачкајте ги со малку масло за да добијат убав сјај и оставете ги малку да подизладат, па послужете ги. Вкусни се кога се топли и кога се ладни.
Од истото тесто можете да правите и пекарски леб, мали топчиња-лепчиња, само премачкајте го со масло, наросете ги со сол, оставете да ферментираат, па печете ги додека да заруменат…
сoolinarika.сom