Посни ќофтиња во доматен сос. „Многумина од вас ми побараа да објавам некој посен рецепт кој ќе можете да го користите не само во време на пост и ако сте вегетаријанци, туку ова јадење може да стане и редовно во вашето мени.

Ќофте во доматен сос е многу хранливо и вкусно јадење кое сите ќе ве воодушеви. Основната смеса за ќофтињата се приготвува од ореви и леб. Како прилог може да се сварат посни шпагети, тестенини, ориз или компир, со тоа што ова ќофте во доматен сос совршено одговара со шпагети.“




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 220 г ореви, 2 парчиња (кришки) леб, 3 лажици маслиново масло, вода по потреба, 2 чешниња лук, сув зачин, црн пипер и зачини по желба (тимјан, влашец), 1 главица кромид, 500 мл доматен сос и малку масло за динстање.




ПОСТАПКА: оревите ставете ги во блендер и сомелете ги, па истурете ги во поголем сад. Потоа во блендерот ставете две парчиња леб исечкан на поситни парчиња. Додајте лук и сомелете ги заедно лебот и лукот. Смесата додајте ја во оревите. Потоа додајте ги зачините.




Зачини: околу две лажички сув зачин (вегета), сув кромид или власец, магдонос, оригано, црн пипер, тимијан или кои било други зачини кои вие ги сакате. Во целата таа смеса додајте три лажици маслиново масло (или обично). Водата постепено додавајте ја околу 200 мл.

Кога смесата ќе стане како влажен песок, односно кога ќе може да се обликува – тогаш е готова. Формирајте ги ќофтињата и редете ги во плех обложен со хартија, па ставете ги да се печат во загреана рерна на 180 степени околу половина час (после 15 минути превртете ги).




За тоа време на оган загрејте малку масло, па запржете го кромидот ситно исечкан. Во друг сад ставете вода да зоврие за да ги сварите шпагетите според упатството на кесичката. За неколку минути во пржениот кромид додајте го доматниот сос, посолете и оставете на тивко да динста.




Печните ќофтиња ставете ги во доматниот сос уште неколку минути заедно да се зготват и да се спојат вкусовите, околу 2-3 минути. Сервирајте заедно со варените шпагети и вашиот вкусен, а посен и здрав оброк е готов. Деталите од постапката можете да ја погледнете во видеото ОВДЕ. Доколку не постите, имаме специјален рецепт за вас:

Вкусно МЕДИТЕРАНСКО ќофте во тава со зеленчук, прсти да излижеш. Рецептот е објавен во групата НМД рецепти на нашата драга читателка Елица Павловска. За ова вкусно јадење кое не издржавме и веднаш го испробавме, можеме да кажеме дека добива чиста десетка, прсти да излижеш.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: околу 300 г мелено месо (јунешко или по избор), 1 главица кромид, 100 г ориз, 2 лажици сечкан магдонос, 3-4 лажици лебни трошки или парче леб претходно натопено во млеко, 1-2 јајца, црн пипер, сол и зачини по вкус, масло за пржење. Зеленчук за во тавата: кромид, модар патлиџан, моркови, домат, пиперки, целер, компир.




ПОСТАПКА: кромидот ситно исечкајте го, па пропржете го на малку маслиново масло додека да застакли, па додајте половина од меленото месо. Посолете и запиперете, па заедно пропржете уште малку додека месото да ја смени бојата. Тргнете настрана да излади.

Фото и рецепт: Елица Павлоска




Сварете го оризот и сосем малку посолете го. Во длабок сад додајте го остатокот од меленото месо, изладениот ориз, смесата од месо и кромид, лебните трошки или парче леб, претходно натопено во млеко и исцедено, сечкан магдонос, сол, црн пипер и зачини како кумин или нешто по ваш вкус.




Измесете ја смесата додека убаво да се поврзе. Оставете ја на ладно за да се стегне, па дури може и малку во замрзнувач ако немате многу време. Формирајте ги ќофтињата и запржете ги во умерено загреано масло. Претходно можете малку да ги валкате во брашно (или брашно-матено јајце-брашно), но пред да ги спуштате во маслото истресете ги нежно од вишокот брашно за да не ви гори маслото.

Фото и рецепт: Елица Павлоска

Зеленчукот за тавата се мие и се сече на крупни парчиња. Во тава се запржува малку кромидот, се додава морковот, модриот патлиџан, пиперки, домат, целер и компир, па се зачинува со црвен пипер. Се динста кратко време, па се полева со вода колку да биде покриен зарзаватот.




На крај се додаваат ќофтињата, се покрива со фолија и на тивок оган се пече во рерна околу два часа. Температурата се регулира според вашата рерна. Пред крај се вади фолијата и се допекува уште 10-тина минути.