🍇 Погача за Свети Трифун со декорација од грозје – традиционален симбол на виното и љубовта
Мирис на дом, благослов и чаша вино
Свети Трифун (14 февруари) во Македонија традиционално се слави како заштитник на лозарите и виното.
На овој ден симболично се закројуваат лозјата, се полеваат со вино „за бериќет“, а трпезата се збогатува со домашна погача, вино, сирење, маслинки и сезонски специјалитети.
Во многу региони, домаќинките подготвуваат свечена погача украсена со грозд или листови од винова лоза, како симбол на плодност, изобилство и здравје.
Доколку сакате мека, воздушеста погача со професионален изглед – ова е проверен рецепт што успева и во домашни услови, особено ако користите квалитетно брашно тип 400 и добро загреана рерна со рамномерно печење, пишува НМД. Еве што ви е потребно:


📝 Потребни состојки (за 2 погачи, една за Св.Трифун, една за Св. Валентајн – кој слави)
• 1.300 г брашно тип 400
• 50 г свеж квасец
• 2 јајца
• 150 мл масло
• 100 мл јогурт (малку загреан)
• 600 мл млако млеко
• 3 лажички шеќер
• 3–4 лажички сол
• 150 г маргарин (за премачкување)
• 1 јајце (за премачкување)
• сусам по желба
Совет: Доколку сакате да подготвите само една погача, преполовете ги количините.

👩🍳 Постапка на подготовка
1️⃣ Подготовка на тестото
Во длабок сад додајте го брашното. Во посебен сад активирајте го квасецот со шеќер и малку млеко. Потоа додајте ги јајцата, маслото, јогуртот и преостанатото млеко. Замесете мазно и еластично тесто.
Покријте со чиста крпа и оставете да нарасне околу 30 минути, додека да го удвои волуменот.
2️⃣ Формирање на основата
Тестото нежно премесете го и поделете го на три дела – два еднакви и еден помал. Од секој дел оформете топка.
Од едната поголема топка развлечете правоаголна кора (околу 36 см). Порамнете ги рабовите, премачкајте со растопен маргарин и исечете на 6 еднакви ленти.
Секоја лента свиткајте ја во ролна. Во подмачкан калап (26–30 см) во средина поставете ја помалата топка, а околу неа наредете ги ролните на еднакво растојание.
3️⃣ Декоративни кифлички
Од втората поголема топка развлечете тркалезна кора и исечете ја на 6 триаголници (како за кифли).
На врвот од секој триаголник направете 3–4 засечувања со нож. Преклопете ги аглите и виткајте кифличка.
Наредете ги меѓу ролните, со засечениот дел насочен кон надворешниот раб на калапот.
Доколку сакате побогата форма, од остатокот од тестото оформете мали топчиња (од тесто) и пополнете ги празнините.
4️⃣ Киснење и декорација
Покријте ја погачата и оставете да нарасне уште 20 минути.
Пред печење, ако правите декорација од тесто (грозд, листови од винова лоза), прво поставете ги украсите, па внимателно премачкајте со изматено јајце. Така декорацијата ќе остане светла и ќе се истакне при печење.
Посипете сусам по желба.
5️⃣ Печење
Печете во претходно загреана рерна на 200°C околу 15 минути, потоа намалете на 170°C и печете уште 20 минути (времето зависи од рерната).
По 5 минути извадете ја погачата од калапот за да остане кората крцкава од сите страни.
🍷 Народни обичаи за Свети Трифун
• Рано наутро лозарите одат во лозје и симболично го закројуваат првиот чокот.
• Лозата се полева со вино за бериќет и родна година.
• Се носи погача и варено месо во лозје.
• Се верува дека ако денот е сончев – годината ќе биде плодна.
Во многу домови, на трпезата покрај погачата има: домашно сирење, маслинки, печени пиперки, сарма, сувомесни производи и секако – квалитетно македонско вино.
ЗА ДЕКОРАЦИИ:
300-400 г брашно
3-4 лажици густин/нишесте/скроб
Од брашно, густин и малку сол со ладна вода замесете цврсто тврдо тесто. Декорациите можете сами да ги правите со помош на вашите раце и вашата креативност, но може да користите и готови модли за славски колач кои ги има во кинеските продавници, а се порачуваат и од интернет.
Украсите се лепат со каша направена од 3-4 лажици брашно и 2-3 лажици шеќер и малку вода, да добиете густа каша.












