Ова е една од најубавите торти и по вкус и по личнотија. Раскошна е со својот изглед, а со вкусот нема кого не го освоила… Таква е Павловата торта за која повеќепати сме објавувале рецепт во различни варијанти, а овојпат тоа е рецептот на нашата и ваша пријателка Beti Josi (Klara Boss).
Потребни состојки за кора: 150 г белки (од 4-5 јајца, кај мене 4 XL), 250 г шеќер во прав, 1 лажица нишесте, 1 лажица киселина. За фил: 2 парчиња прашок за шлег крем од ванила, 300 мл млеко, шлаг пена, сос од јаготки, црвено овошје (најдобро јаготки или малинки)
Постапка: Веднаш вклучете ја рерната да се загрева на 130 степени. Измерете 150 г белки и пенасто изматете ги со миксер додека да згуснат. Потоа додавајте една по една лажица шеќер во прав, така што при секое следно додавање треба да матите приближно по 30-тина секунди.
Кога ќе се потроши шеќерот, продолжете со матење уште 3-4 минути, па на крај додајте ги нишестето и киселината и продолжете да матите со миксерот додека и овие состојки да се соединат (приближно уште толку, уште 3-4 минути).
Во плехот од шпоретот стававете хартија за печење и врз неа оформете ја основата на тортата. Тука има варијации. Може да направите една голема и цела торта, но можете и повеќе мали како колачи, или пак, како мене малку поголеми од оние најмалите (како мини торти), бидејќи ми беа за подарување и оваа величина најмногу ми одговараше.
Најлесен и најбрз начин е ако ја ставите смесата во шприц, со широк отвор и нанесувате во почеток со кружни движења од онаа големина која ја посакувате, па сè така продолжувате да нанесувате спирално во круг до самиот центар и уште еден надворешен круг по крајот за изедначување.
Потоа малку со лажицата оформете вдлабнатина во средината ако сметате дека има потреба. По правило, основата/кората од белки треба да има нерамнини, да биде брановидна, односно нема потреба од израмнување на нејзината површина.
Температурата на рерната намалете ја на 110 степени и оставете кората од белки да се пече, односно да се суши околу два часа. Притоа вратата од рерната не треба да се отвора, освен пред крајот кога треба да ја проверите.
Кај мене оваа температура се покажа силна, па јас подоцна ја намалив температурата прво на 100, па потоа и на 90 степени. Секако, во ова голема улога игра и формата за која ќе се одлучите, односно дали ќе правите помали корички или една голема, но во секој случај, зависи и од и јачината на самата рерна (која кај мене е силна).
Не плашете се ако за кратко време ја намалите температурата на 100 степени, а подоцна регулирајте го вкуспното време на печење. Додека се пече, многу е важно за тоа време рерната никако да не се отвора и кога ќе ја изгасите рерната, убаво е и да ги оставите така да отстојат колку е можно подолго време, па дури и преку ноќ.
Филувањето е најдобро (доколку условите и времето тоа го овозможуваат) да биде пред самото послужување и секако, во филот е најважно да има шлаг и црвено овошје, јагоди или малини или пак некое друго овошје доколку не е сезоната за нив.
Останатото е варијација на избор. Во мојата логика основата на филот ја посакав со ванила, па пакетчиња ванила шлаг крем ги изматив со 300 мл млеко, врз тоа имав домашно подготвен густ сос од јагоди, па шлаг и овошје. / Beti Josi (Klara Boss)