Парен гриз колач (раванија) – стар рецепт, оди сè по 10, за сите љубители на шербетни колачи

На сите љубители на шербетните, сочни колачи, им го препорачувам овој стар традиционален колач за раванија. Во различни краишта можеби различно се нарекува, но она што е заедничко, е неодоливиот вкус на овој колач.

Потребни состојки:

10 јајца
10 лажици шеќер
10 лажици брашно
10 лажици гриз
1 прашок за печиво
1 ванилин шеќер

за шербет:

800 мл вода
800 г шеќер
½ лимон исечен на тркалца
1 ванилин шеќер

Постапка:

Loading...

Јајцата, шеќерот и ванилин шеќерот изматете ги пенасто со миксер додека да се стопи шеќерот. Нема потреба да се одвојуваат белките од жолчките, овој рецепт навистина е едноставен.

Во друг сад измешајте го брашното со гризот и прашокот за печиво, па постепено додавајте го во смесата со јајца.

Добиената смеса рамномерно распоредете ја во намастен и набрашнет плех (35 х 25 см) и ставете да се пече во загреана рерна на 200 степени околу половина час.

Печениот колач оставете го целосно да се олади, па потоа прелијте го со млак шербет (никако со врел), па оставете да отстои малку на собна температура, а потоа префрлете го во фрижидер. Највкусен е кога добро ќе се излади.

За шербет: Водата и шеќерот измешајте ги па ставете ги на оган да се варат 30 минути. Потоа додадете ванилин шеќер и исечен лимон. Оставете да излади, па кога ќе биде млак прелијте го преку ладниот колач. По желба украсете со парчиња лимон или кокос.

coolinarika.com

Loading...