Македонска пита, фина, мека, со овчо сирење – одлична, прсти да излижеш. Фотографии и рецепт на Маја. Одлична пита со едноставна подготовка.
Потребни состојки: 600 г брашно + уште малку за месење, 3 јајца, 250 мл ладна вода, 1 лажичка сол, 1 лажичка шеќер, 10 г свеж квасец. За фил: 500 г овчо сирење, 100 г растопен путер или маргарин. За полевање: 3 јајца, 200 мл млеко, 1 лажица шеќер
Постапка: Во еден сад за месење ставете го издробениот квасец, сол и шеќер. Додавајте малку по малку вода и мешајте додека квасецот целосно да се растопи, па на крај се додава целата вода.
Јајцата се матат на страна и се ставаат во смесата. Потоа додаваме малку по малку брашно и мешаме додека да добиете лепливо тесто.
Тестото го ставаме на добро набрашнета површина (ако е потребно додаваме уште брашно) и месиме околу 5-6 минути додека да се добие мазно, еластично тесто.
Тестото се остава во намастен сад и се покрива со кујнска крпа да отстои 40 минути. Потоа се дели на 5 топки.
Секоја топка се развлекува во кора со дијаметар 25 см. Се премачкува со растопен путер и ставаме дробено сирење. Кората се витка како ролат. Потоа ролатот малку го развлекуваме и засу-куваме како кога цедиме крпа.
Во намастена тава бр.30 ги редиме ролатите во спирална форма, започнувајќи од средината, правиме круг и таму каде што завршува една кора, ставаме друга и редиме така до крајот. Помеѓу корите оставаме малку простор, бидејќи тие ќе нараснат. Питата се остава покриена на топло место да отстои уште 15-20 минути.
Рерната загрејте на 180 степени, на страна пригответе го преливот. Јајцата изматете ги со виљушка или со жица. Додадете во нив млеко и шеќер, па добро се изматува и се прелива преку питата.
Се пече околу 40-45 минути, а кога е готова се покрива со крпа и се остава така да отстои 10-15 минути да подизлади. / Coolinarika.com
II РЕЦЕПТ Необично лесна пита без голема мака, со тесто кое се разлистува, мека како памук и неодоливо вкусна
Фотографии и рецепт на Гордана Јакшиќ. Питата се прави брзо и без голема мака добивате кори кои се разлистуваат. Како фил може да користите што и да посакате, а може да ја правите и во слатка варијанта со џем или некое овошје. Основата за овој рецепт е некаде од интернет, но секако, го прилагодив по сопствен вкус.
Половина од белото брашно го заменив со брашно од спелта, но секако вие можете целото да го направите од бело. Интересен е начинот за обликување на тестото. Иако можеби ќе ви се чини дека е комплицирано, верувајте, многу лесно, едноставно и брзо се прави, само следете ја постапката од фотографиите.
Секогаш сум во дилема дали да ја наречам пита или погача, ама како и да е, многу е вкусна, мекана и растреслива. Почесто ја приготвувам со месо, но овојпат месарницата не работеше, токму кога јас сакав да ја правам, па затоа јадевме попроста варијанта која исто така е вкусна на свој начин.
Излегува доста количински, ние четворица возрасни ја јадевме и успеавме да изедеме само две третини. За да го приготвите тестото за питата ќе ви бидат потребни следните состојки: 500 мл млако млеко, 200 мл масло, 900 г брашно (450 г бело и 450 г спелтино) и уште малку за обликување.
Уште ќе ви биде потребно 10 г сув квасец, 1 лажица шеќер, 1 ½ лажичка сол, 1 јајце и 1 белка (1 жолчка се остава за премачкување) и уште малку масло за премачкувањето. За филување можете оваа варијанта: 250 г сирење и 250 г шунка по избор, или пак оваа варијанта:
1 главица кромид, 350-400 г мелено месо, сол, црн пипер и масло. Постапка: Ако ја правите варијантата со месо, тогаш прво издинстајте го ситно исечканиот кромид на малку масло, па откако ќе стане кромидот стаклест додадете го месото. Посолете, запиперете и кратко пропжете го додека да ја промени бојата и испарат течностите.
Оставете го филот на страна да излади додека го приготвувате тестото. Доколку се одлучите за варијанта со сирење и шунка, тука нема некакви претходни подготовки. Само ситно исечкајте ја шунката или изрендајте ја, а сирењето издробете го. Постапка за приготвување на тестото:
Просејте ги двете брашна заедно во некој сад, добро да се измешаат, па половина од таа количина ставете ја во садот во кој ќе го месите тестото. Тука додадете го квасецот, шеќерот, а потоа и маслото, млакото млеко, јајцето и белката, па убаво промешајте со лажица или жица за матење.
Месењето продолжете го со рака постепено додавајќи го брашното помешано со солта. Кога ќе завршите со месењето треба да добиете меко тесто. Од гранулацијата на брашното, односно колку е крупно, ќе зависи и тоа дали ќе ја потрошите целата количина.
За ова ќе процените сами во текот на месењето. Доволно е кога тестото ќе престане да се лепи за рака. Потоа тестото обликувајте го во топка, малку премачкајте го со масло, покријте го со еластична фолија и оставете го на топло место да стасува околу еден час додека да го удвои волуменот.
Стасаното тесто истресете го на работна површина и преполовете го. Двата дела малку премесете ги колку да формирате топчиња. Потоа прво едниот дел развлечете го со оклагија на набрашнета работна површина во голем круг со пречник од околу 50 см или приближно.
Развлечената кора премачкаате ја со две лажици масло, па рамномерно распоредете половина од филот (во овој случај само изрендајте сирење и шунка) оставајќи мал круг во средината да остане празен. На дното од поголема тепсија со пречник од околу 35 см ставете хартија за печење.
Во центарот од кругот на тестото направете дупче, па со прстите постепено ролајте ја кората кружно од центарот кон краевите насекаде околу, како што можете да видите на фотографиите. Кога ќе ја свиткате целата кора, пресечете ја на едно место и свиткајте ја во облик на полжав (како и обична домашна развлечена пита).
Повторете ја постапката и со втората половина од тестото и ставете ја ролната во тепсијата надоврзувајќи се околу првата. Тепсијата покријте ја со крша и оставете ја околу половина час на топло место за да стасува и да го зголеми волуменот. За тоа време загрејте ја рерната на 200 степени.
Стасаната пита премачкајте ја со изматена жолчка со малку масло или млеко. Питата ставете ја да се пече во загреаната рерна околу 30-40 минути, во зависност од рерната. После 20 минути или кога убаво ќе зарумени, намалете ја температурата на 180 степени или 150 степени.
Времето и температурата прилагодете го според вашата рерна. Проверете со чепкалка дали е готово. Извадете ја печената пита од рерна, покријте ја со крпа залку да се подизлади, па кршете ја со рака и послужете ја топла со кисело млеко или јогурт. Може да ја јадете како главен оброк или како закуска.