Во секое семејство постои омилено јадење, омилен колач, омилена торта…која во споредба со другите се наоѓа многу почесто на менито. Ова е омилената торта во моето семејство, на моите пријатели, на мојата поширока фамилија… па така, често ја приготвувам.
Затоа што често ја приготвувам, ги усовршеив сите „недостатоци“, па така со текот на време започнав да го одбегнувам двојното печење на кори, ја намалив количината на декорацијата, бидејќи сметам дека тортата сама по себе е многу декоративна.
Се обидов некои од постапките внимателно да ги објаснам, за да можете и вие да си направите Леден ветер со совршен изглед и вкус. Верувам дека со помош на моите мали трикови и вам ќе ви излезе се’ како што треба.
Потребни состојки за пуслица: 6 белки, ¼ лимон – сок, 250 г шеќер кристал и 1 лажица шеќер во прав. За крем од ванила: 400 мл млеко, 6 лажици брашно, 150 г шеќер кристал, 1 лажичка ванилин шеќер или малку екстракт, 1 прстофат сол, 6 жолчки и 125 г путер
Уште ќе ви биде потребно: 500 мл слатка павлака, 1 лажичка густин и 250-300 г шумско овошје/малини/јагоди/вишни
Постапка: Белките изматете ги со миксер со постепено додавање на шеќерот за да се растопи, а пред крај на матењето додадете го и лимоновиот сок. Шеќерот е најдобро да го додадете во три наврати. На крај треба да добиете цврст свиленкасто сјаен снег од белки.
Големиот плех убаво обложете го со хартија за печење, да бидат прекриени и страните. Потоа распоредете го снегот од белки рамномерно низ целиот плех. Потоа исечете парче хартија со ширина 10 см, превиткајте го на половина (за да добиете подебела преграда).
Вметнете го тоа парче хартија по средината на плехот, така што ќе ја подели кората од белки на два дела со иста величина. При вметнувањето ќе мора да повлекувате напред-назад, како да да го сечете снегот од белки кој е многу густ.
Едната страна нека остане мазна и рамна, а на другата страна која ќе биде на врвот од тортата, со шпатула направете брановидна површина.
Оваа страна наросете ја со шеќер во прав. Кората можете да ја печете на два начини:
Ако сакате пуслицата да ви биде покрцкава и малку потемна, а одвнатре пенаста и мека, тогаш печете ја еден час на 150 степени до 160 степени. Преградата помеѓу двете кори внимателно отстранете ја додека пуслицата е се’ уште топла, а најлесно тоа се прави со некој тенок нож.
Доколку сакате сува и посветла, а крцкава кора, тогаш прво печете 15 минути на 150 минути, а потоа намалете на 120 степени и печете уште 1 час и 45 минути.
После еден час печење извадете го плехот и внимателно отстранете ја преградата, па вратете го плехот и печете до крај.
Штом ја ставите пуслицата да се пече, започнете со приготвувањето на кремот. Ставете го млекото да се свари. Измешајте брашно, шеќер, ванилин шеќер и сол во посебен огноотпорен сад. Додадете околу 100 мл топло млеко кое сте го одвоиле од млекото што се загрева, па додадете ги и жолчките и сето убаво изматете го миксер или маталка. Треба да добиете мазна смеса.
Поставете лонец со вода и со постојано мешање варете ја смесата со жолчки. Кога млекото ќе зоврие, полека и него додавајте го во жолчките. Мешајте постојано додека смесата да зоврие. Може да матите и со рачен миксер. Треба да добиете многу густ топол крем. Во врелиот крем измиксајте половина од путерот, а остатокот оставете го надвор од фрижидер за да биде мек, за понатамошно користење. Кремот оставете го да излади.
Пет минути пред да ја извадите пуслицата од рерна, изматете шлаг од слатка павлака. Пред да стане шлагот цврст, во него наросете една лажица скроб и продолжете со матење додека целосно да зацврсти.
Во изладениот крем додадете го остатокот од путерот и кратко измиксајте го кремот. Во кремот со шпатула промешајте една третина од шлагот што претходно го измативте.
Печената и топла пуслица извадете ја од плехот заедно со хартијата, па внимателно со прстите отстранете ја (долната страна може да се натопи со вода за полесно одлепување).
Филување: преку рамната кора премачкајте со крем од ванила, па потоа обилно распоредете шумско овошје. Премачкајте го овошјето со остатокот од шлагот и израмнете. Потоа ставете ја брановидната кора од белки.
Готовата торта оставете ја неколку часови во фрижидер добро да излади. / Coolinarika.com