Овој рецепт за торта со мармалад е толку брз што додека трепнете ќе биде подготвена. Сите состојки само се соединуваат, а потоа се премачкува со мармалад и се става на печење кратко време. Нема чекање, месење, туку направи и веднаш изеди, така ја викам јас.




Внатрешноста на оваа торта е навистина посебна бидејки има вкус на пудинг кој е кремаст. Се разлева низ устата како слатка експлозија која нема да ја заборавите долго време. Покрај тоа, овој колач не е многу калоричен и може да го јадете и додека слабеете. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 3 средни јајца, 1 кесичка ванилин шеќер или екстракт од ванила, прстофат сол, 150 г шеќер, 120 мл масло 150 г ванилин или обичен јогурт, 15  г прашок за печиво, 290 г брашно 00, мармалад за премачкување.




ПОСТАПКА: Веројатно потешко е да се најде јогурт со вкус на ванила во нашите продавници. Во тој случај ставете 2 кесички ванилин шеќер или 1 кесичка ванилин шеќер со 1 лажица екстракт од ванила. Во секој случај колачот излегува феноменален.




Скршете ги јајцата во еден сад и изматете ги пенасто со миксер. Додајте го ванилиниот шеќер, прстофат сол и останатиот шеќер. Продолжете да матите со миксерот додека шеќерот да се растопи во смесата. Додајте го маслото заедно со јогуртот и соединете ги еднолично состојките.




На крајот низ сито просејте го брашното, измешано со прашокот за печиво. Брашното додавајте го постепено додека на мала брзина матите со миксерот. Важно е да не се формираат грутки од брашното, па затоа константно мешајте додека да го инкорпорирате целото.




Во плех (молд) со димензии 28х19 см излејте половина од смесата и измазнете ја со шпатула. Претходно калапот обложете го со хартија за печење или наросете го со брашно за да не лепи. Врз смесата на одделни места ставете по малку мармалад по ваш вкус и со виљушка направете шари низ целиот колач.




Одозгора додајте ја и втората половина од смесата и повторете ја постапката со мардмаладот. Ставете да се пече во претходно загреана рерна на 180 степени, околу 30 минути. Внатрешноста на колачот/тортата проверете ја со чепкалка дали е испечена.




Пред послужување, тортата се премачкува со уште еден тенок слој џем, кога малку ќе се подизлади, а потоа се сече на коцки и се послужува. Во зависност во каков сад ја печете, нејзината дебелина варира и вкусот може да се промени.




Сепак, наша препорака е да печете во исти или слични димензии како што е во рецептот бидејќи текстурата во внатрешноста се разликува ако тортата е печена ниско. Високите парчиња имаат порастеглив вкус, како локум. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.