Шпанскиот гулаш е фантастично јадење доколку немате идеја и премногу време за в кујна. Гулашот е традиционално јадење чија подготовка бара долго готвење од 2-3 и повеќе часа, зашто токму во тоа е тајната на добриот гулаш – колку подолго се готви, толку е повкусен.
Но, ако се брзате, а сепак сакате гулаш за ручек и „јадење на лажица“, ви предлагаме да го испробате шпанскиот рецепт за гулаш. За негова подготовка е потребно помалку време, а Шпанците додаваат пиперка, кисели краставички и димена колбасица.
Се двоумев дали да додадам кисела краставичка во ова јадење, но откако го пробав крајниот резултат, воопшто не се покајав што се држев до рецептот. Вака приготвениот гулаш верувам дека и вам многу ќе ви се допадне, а можете да го послужите со компир пире или тестенини. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 2 големи главици кромид, 1.2 кг свинско месо (може пилешко или јунешко), 1 супена лажица доматно пире, 400 г доматен сос или сечкани пелати од тегла, 1 литар булјон од зеленчук или растворени коцки за супа, 1 мала лажичка шеќер, 100 г кисели краставички, 2 големи црвени „меснати-бабурести“ пиперки, 1 димена колбасица, свеж копар по вкус
ПОСТАПКА: кромидот ситно исечкајте го и сипете го во длабока тава или широко тенџере со малку масло. За вкусен гулаш потребно е повеќе кромид, па затоа одбере две големи или три средни главици. Динстајте го неколку минути на умерена температура додека да застакли и омекне.
Месото исечете го на коцки и додајте го во тавата со пржениот кромид. За шпанскиот гулаш се користи свинско месо, но по желба може да користите пилешко месо (кое се готви пократко) или јунешко месо (кое се готви подолго од свинското).
Пржете го и месото неколку минути со промешување додека да ја промени бојата, па потоа посолете го и запиперете го, а додајте и една лажица доматно пире кое ќе му даде убава црвена боја. Во случај да немате доматно пире, ставете една лажичка црвен пипер во прав.
Промешајте и динстајте уште некоја минута, па додајте половина од булјонот и доматниот сос. Промешајте добро, поклопете и гответе еден час на намалена температура, со повремено промешување и проверување да не испарила течноста.
По потреба налевајте го остатокот од булјонот. Некаде 10-тина минути пред крајот од готвењето додајте ситно сечкани црвени пиперки и кисели краствички, промешајте, а потоа додајте и сечкана димена колбасица. Динстајте уште неколку минути, па пред крајот додајте ситно сечкан копар (по желба) и послужете. Видеопрезентацијата погледнете ја ОВДЕ.