Рецепт и видео презентација на Јелена Петровиќ од „Кај баба на гости“ – Брза торта за 15 минути со пишкоти, без печење, мека и вкусна, се топи во уста. Најмногу ја сакаат децата, но и возрасните. Може да ја приготвувате за секој ден, одлична е со чај, кафе или сок…
Потребни состојки: 150 г кекси (јас ставив пишкоти, а вие можете да употребите било кои кекси по ваш избор), 2 кесички пудинг со вкус на карамел (ако не можете да најдете ваков, тогаш искористете пудинг од чоколадо), 100 г чоколадо, 600 мл млеко, 1 лажица мед.
Постапка: Најпрво сварете го пудингот. Одвојте малку млеко (околу 100 мл), па во него растворете го прашокот за пудинг и убаво промешајте за да нема грутчиња. Остатокот од млекото ставете го во тенџере на рингла и загревајте го на умерена температура заедно со една лажица мед.
Мешајте додека медот да се раствори, па кога ќе зоврие во него додадете го растворениот пудинг со постојано мешање. Намалете ја температурата и варете го пудингот додека да згусне. Во сварениот пудинг додека е сè уште топол додадете чоколадо искршено на коцки.
Мешајте додека убаво да се растопи и да се инкорпорира во пудингот. Во сварениот крем додека е сè уште топол додадете искршени 150 г било какви кекси, а во мојот случај јас ставив пишкоти. Нема потреба од претходно натопување, бидејќи кексите ќе омекнат од самата топлина на пудингот.
Меѓутоа, доколку користите некои потенки бисквити, а не пишкоти, тогаш за варење на пудингот користете 750 мл млеко за да добиете малку поредок крем, за да можат тие кекси (бидејќи се потврди) полесно и подобро да ја впијат влажноста и да омекнат.
Земете еден помал калап во било каква форма, а најдобро да биде долгнавест, длабок а потесен (калап за леб или ролат), па убаво обложете го од сите страни со проѕирна фолија. Истресете ја рамномерно целата смеса во калапот и рамномерно распоредете ја.
Протресете добро за да не останат воздушни празнини, па израмнете одозгора и покријте со проѕирна фолија (можете и рака малку да притиснете одозгора). Вака приготвениот колач оставете го два-три часа во фрижидер или еден час замрзнувач за да се олади и добро да се стегне.
Оладениот и зацврстениот колач извадете го од фрижидер, превртете го врз чинија за сервирање и отстранете ја фолијата. На страна изматете шлаг пена или шлаг крем со вкус на чоколадо, според упатството обележано на кесичката, а за матење на прашокот можете да користите млеко или газарината вода.
Добиениот шлаг крем нанесете го врз колачот и декорирајате го со рендано бело чоколадо одозгора или нешто по ваш избор и вкус. Пред послужување добро изладете го колачот. Сите детали околу постапката на приготвување можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.
II РЕЦЕПТ – Колач со пишкоти и крем кој се топи во уста, за 10 минути е готов. Рецепт и видео презентација на Сара од Мои Домашни Рецепти: Кремаст колач кој се топи во уста.
Брз колач кој се приготвува многу едноставно: Се натопуваат пишкотите во нескафе, се редат во калап, а врз нив се филува со крем кој се приготвува слично на пудингот. Колачот е потребно да се излади два часа во фрижидер, а потоа можете да се сладите во неговиот кремаст вкус.
Потребни состојки: 1 кесичка нескафе (3 во 1), 300 мл врела вода, 300 г пишкоти, 1 литар млеко, 150 г шеќер, 3 супени лажици густин/нишесте/скроб, 2 супени лажици брашно, 1 жолчка, 8 г ванилин шеќер (1 кесичка), 2 супени лажици путер, 60 г шлаг крем од ванила и 1 супена лажица какао
Постапка: Содржината од кесичката со нескафе истурете ја во еден сад и измешајте ја со 300 мл зовриена вода. Промешајте з ада се раствори кафето и тргнете на страна. Во тенџере ставете 1 литар млеко, 150 г шеќер, 3 супени лажици нишесте, 2 лажици брашно, 1 жолчка и една кесичка ванилин шеќер. Изматете добро со маталка за да нема грутчиња.
Кога смесата ќе се изедначи, тенџерето ставете го на оган и загревајте со постојано мешање додека да згусне (смесата е полутечна). Пред крајот додадете и две полни супени лажици путер, па мешајте додека да се растопат. Тргнете го садот од оган и додадете ја содржината од кесичката со шлаг крем (60 г). Промешајте за да се растопи.
На дното од калапот со средна величина наредете еден ред пишкоти претходно натопувани во нескафето. Врз пишкотите рамномерно распорете половина од филот. Наредете втор ред пишкоти, исто така кратко натопувани во нескафе.
Врз нив излејте го остатокот од филот и рамномерно распоредете и израмнете. Колачот оставете го 2 часа во фрижидер за да се стегне. Одозгора можете да го наросите со какао, вишни, ореви или нешто по желба. Деталите од целата постапка можете да ја погледнете во видеото ОВДЕ.